Ништо од ветените покачувања од 35 отсто на платите на судиите. Платите си остануваат по старо бидејќи изборите на петти јуни се одложија, а на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители им било објаснето од министерот за финансии Зоран Ставрески дека пари во Буџетот во моментов нема за зголемување на платите, велат извори за САКАМДАКАЖАМ.МК од двата совета.
За разлика од судиите, за кои ветувањето остана само на хартија, обвинителите барем се засилија со пари пред два месеца. Тие со 15 дена доцнење, зеле една плата со 35 насто покачување како додаток на платата, но веќе следниот месец таа им била вратена по старо, без додаток. Државниот јавен обвинител Марко Зврлески, велат обвинителите, им објаснил на колегите дека поради финансиски импликации, покачувањето од 35 натсто засега ќе мирува.
Само една повисока плата зеле и вработените во стручните служби во Обвинителството и повеќе не.
Бидејќи зголемувањето на платите беше изгласано со два закона, чии измени беа направени во Собранието на седницата непосредно пред новогодишната ноќ, сега и судиите и обвинителите имаат законски основ да ја тужат Владата зошто не им ги пушти ветените зголемувања, кои патем, беа предвидени и со интерни правилници.
Предлогот за зголемување на платите на судиите и на обвинителите дојде за инает на барањата на специјалната обвинителка Катица Јанева, кога Советот на обвинители не сакаше да му одобри на новото специјално обвинителство вработување на 14 обвинители. Тогаш и државниот јавен обвинител Марко Зврлески ќе добијат дупло поголеми плати од обвинителите на Јаневска. И – така бидна. На предлог на тогашниот премиер Никола Груевски Собранието непосредно пред Новогодишните и Божикните празници го изгласа зголемувањето на платите на судиите и обвинителите, но тоа не почна да се применува веднаш, туку се чекаше почетокот на изборната кампања.
“Само да видиме кој ќе се охрабри да тужи, дали има таков јунак меѓу изиграните судии и обвинители“, вели еден судија кој е пред пензија.
И членовите на Судскиот совет, кои за време на мандатот земаат дупло поголема плата од судиите, за да не останат покусо си напишале 35 насто покачување, дознава СДК.МК. Со прстот во устата останале само членовите на Советот на јавни обвинители, поради што биле многу лути и навредени.
Алчноста кај членовите на Судскиот совет предизвикала дополнително разочарување кај судиите.
“Кај што земаат дупло поголема плата од нас, кај што таму има членови што се бираат политички, од Собрание и од Претседателот на државата, а никогаш во животот не биле судии, туку уште и се ставиле први за покачување од 35 насто поголеми плати заедно со судиите. А не се поарни ни нашите колеги судии што ги избравме за членови на Советот. Ним судијските места им мируваат, но затоа, додека се на функција, земаат дупло повисока плата од нашите“, велат соговорниците од судската фела со кои контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК.