НЕМА НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ГРАДИНКИТЕ, ОД ВЧЕРА ДО ДЕНЕС ВАКЦИНИРАНИ 829 ДЕЦА

    НЕМА НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ГРАДИНКИТЕ, ОД ВЧЕРА ДО ДЕНЕС ВАКЦИНИРАНИ 829 ДЕЦАОд Министерството за здравство велат дека засега нема новозаразени од мали сипаници. - Министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Министерство за здравство)

    Од вчера до денес до 13 часот вакцинирани се 829 деца со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит), откако завчера беше прогласена епидемија на мали сипаници во Скопје и беше донесена забрана да се примаат невакцинирани деца во градинките.

    Од Министерството за здравство велат дека денес до 13 часот во пунктовите за вакцинација биле вакцинирани 331 дете, и дека вакциналните пунктови во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и Букурешт и денес ќе работат до 19 часот.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат вели дека во текот на вчерашниот и денешниот работен ден направиле контроли во скоро 90 отсто од градинките и дека досега во ниту една не е пронајдено дека е примено дете кое не е вакцинирано.

    Директорката на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова вели дека контролите ги прават во 21 јавна градинка, кои имаат од 3 до 5 клонови и дека според списокот на приватни градинки што го добиле од Министерството за труд и социјална политика во 27 вакви приватни установи.

    „Од контролата на терен се покажува дека списокот од Министерство за труд и социјална политика е непречистен, односно на список бројот на приватни градинки е 27, но во текот на времето дел од нив се затворени и не функционираат и тоа одзема време при контролите. Но, од досегашните теренски контроли не се примаат невакцинирани деца во градинка“, вели д-р Сотирова Бухова.

    Дел од родителите чии деца вчера беа враќани од градинките поради нецелосна имунизација рекоа дека немаат намера да ги вакцинираат децата и дека државата нема право да им го ограничува правото нивните деца да бидат згрижени во градинките.

    „Легитимен е ставот, но кога се носи антиепидемиска мерка, тогаш личното право не може да биде над колективното и државата во овој случај го штити интересот на мнозинството од населението“, вели д-р Бухова.

    Епидемија на морбили во Скопје беше прогласена завчера по појава на 12 новозаразени со сипаници, откако минатиот месец беше прогласена епидемија во населбата Радишани кога беа регистрирани седум случаи на заразени со мали сипаници, од кои повеќето се деца што оделе во иста градинка. Тогаш градинката во Радишани беше затворена за да се спречи ширење на болеста. При теренската контрола спроведена од Центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје од 104.800 деца во Скопје, 15.000 деца се невакцинирани со МРП вакцината.

    Завчера Министерството за здравство заедно со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Комисијата за заразни болести донесоа одлука да се прогласи епидемија откако во скоро сите скопски општини се појавија новозаразени со сипаници. Од овие 12 за шест уште завчера имаше потврда дека имаат мали сипаници, за двајца потврда стигна вчера, а кај двајца не беше потврдено дека имаат морбили. Меѓу новите случаи повеќето се деца на возраст од 8 месеци до четири години, а двајца се возрасни и сите се невакцинирани.

    Од Министерството за здравство велат дека засега нема нови случаи на заразени со мали сипаници.

    Според здравствените власти прогласување на епидемија е единствената заштитна мерка од ширење на болеста, која брзо се шири од човек на човек и која предизвикува тешки здравствени последици и смрт. Според нив ова се должи на намалениот опфат на вакцинирани деца, особено децата родени 2016 и 2017 година, а тоа пак е резултат на агресивната антивакцинална кампања.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира