НЕМА НИШТО ТАЈНО ВО ДОГОВОРОТ ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, ЌЕ ГО ОБЈАВИМЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА БЕКТЕШИ

    НЕМА НИШТО ТАЈНО ВО ДОГОВОРОТ ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, ЌЕ ГО ОБЈАВИМЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА БЕКТЕШИМинистерот за економија Крешник Бектеши рече дека не е издадена ниедна дозвола за концесија без мислење од Општината на чија територија се наоѓа суровината.-(Фото: СДК.МК)

    Нема ништо тајно во договорот за концесија за рудникот за ископување злато во Иловица, рече министерот за економија Крешник Бектеши и вети дека ќе го објават договорот.

    „Нема ништо тајно во договорот за Иловица. Ние ги усогласуваме сите мислења со надлежните институции и договорот ќе го објавиме. Но, сакам да потенцирам дека пред да се направи договорот ние секако ќе го слушаме гласот на граѓаните, не само во општината каде е лоциран рудникот, туку и гласот на граѓаните од целиот регион“, рече Бектеши.

    Концесијата за експлoатација за наоѓалиштето на бакар и злато кај Иловица канадската фирма „Еуромакс Ресоурсес Лимитед“ ја доби од претходната Влада, но жителите од Југоисточниот регион се против отворање на рудниците, бидејќи стравуваат од загадување на животната средина. Граѓански активисти организираа референдуми во повеќе општини против отворање на рудник во Казандол, а за рудникот кај Иловица во Општина Босилово закажан е референдум на трети следниот месец. Референдум за или против овој рудник ќе има и во општина Ново Село.

    Министерот Бектеши одговарајќи на новинарски прашања рече дека Владата на Република Македонија при носење на одлуките, без оглед дали е за концесии за експлоатација на рудно богатство или за други прашања ќе го има интересот на граѓаните на прво место.
    „Што се однесува до концесиите, ние ги проверуваме барањата и да напоменам дека секоја концесија што ја дава Министерството за економија бара мислење од сите надлежни институции. Без позитивно мислење од општините каде концесијата е лоцирана Министерството за економија не дава концесија“, рече Бектеши.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира