НЕМА ПРОТЕКЦИЈА ПРИ ИЗБОРОТ НА ЛОКАЦИЈА ЗА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, СОРАБОТУВАМЕ И СО ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА, ВЕЛИ ЗАЕВ

    НЕМА ПРОТЕКЦИЈА ПРИ ИЗБОРОТ НА ЛОКАЦИЈА ЗА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, СОРАБОТУВАМЕ И СО ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА, ВЕЛИ ЗАЕВСпоред премиерот Зоран Заев, при одбирањето на најпогодна локација за нов клинички центар се води сметка земјиштето да е во државна сопственост, за да нема потреба од дополнителни трошоци за експропријација, и лесна достапност до потребната инфраструктура (Фото: Влада на РМ)

    При изборот на локациите за новиот Универзитетски клинички центар нема никаква протекција и подеднакво соработуваме и со градоначалниците од опозицијата и со оние од владејачката коалициј, рече премиерот Зоран Заев на синоќешната неформална дебата во собраниската Комисија за здравство. Заев и министерот за здравство Венко Филипче пред пратениците ја обрзложија потребата од дислокација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, поради сериозните проблеми со големата фреквенција на сообраќај, кој им го отежнува пристапот на граѓаните и пациентите.

    Заев рече дека проектот кој вреди 450 милиони евра е од суштинско, национално значење за граѓаните, и дека во соработка со ресорните Министерства, градоначалниците, експерти и советници биле разгледувани локации за градење на Клиничкиот центар во Општината Ѓорче Петров и Петровец, како и локации во Општините Илинден и Гази Баба кон Црешево.

    „Првиот критички осврт за првично утврдената локација кај Бардовци дојде токму од опозицијата, дека ќе заглавиме со експропријации, со заштита на културно наследство и овие критики ги разбравме сериозно и затоа разгледуваме и други локации, во Ѓорче Петров, Петровец, во касарната Илинден и во Општина Гази Баба кај Црешево“, рече Заев.

    При презентацијата на локациите во Ѓорче Петров и во Петровец, премиерот рече дека и двете се на слични позиции, односно дека се надвор од населено место, но блиску до потребната инфраструктура, при што за локацијата во Петровец кажа дека мочурливото земјиште ќе бара повеќе средства. Тој кажа дека при одбирањето на најпогодна локација се води сметка земјиштето да е во државна сопственост, за да нема потреба од дополнителни трошоци за експропријација, се оценува достапноста на водоводна мрежа и достапност на гас, енергетска ефикасност, развиена примарна патна мрежа со близина на обиколницата и вклучувања во неа.

    „Владата е максимално отворена, опозицијата дава поддршка, за потреба од изградба на Клинички центар и важно е одлуките да ги донесеме заедно. Само така со гледањето и со окото на опозицијата ќе знаеме дека најдобрата одлука е донесена, во врска со локацијата“, рече Заев.

    Филипче рече дека за ваков голем проект, како што е Клиничкиот центар, нема партиски, национални или други разлики за изградба.

    „Ќе реализираме објект кој ќе им служи на сите граѓани од град Скопје, на целата држава, еден објект кој што не е направен во ниедна од републиките на поранешна Југославија, за што мислам дека сериозно ќе бидеме во предност во квалитетот на здравствената заштита, која што ќе можеме да ја дадеме, сериозно да го зајакнеме капацитетот на нашиот здравствен систем посебно на ова највисоко терцијарно ниво и најмодерните и најсовремени медицински услуги да бидат достапни за сите“, рече Филипче.

    При презентацијата на локацијата Веле Поле во Општина Ѓорче Петров, министерот кажа дека таа се наоѓа на самата оска на обиколницата, веднаш на влезот на град Скопје, од правецот на Тетово.

    „Изработен е и елаборат за услови на планирање на просторот во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, во кој е утврдено дека постојат поволни климатски услови во средината, како и многу елементи во прилог на економскиот и просторниот развој на општината“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира