НЕМА СУДСКИ РЕФОРМИ ДОДЕКА ДУИ Е ВО ВЛАСТА, РЕЧЕ РАЗУЗНАВАЧОТ БОГОЕВСКИ ОТКАКО ГО ИЗГУБИ СЛУЧАЈОТ СО АЛИ АХМЕТИ

    НЕМА СУДСКИ РЕФОРМИ ДОДЕКА ДУИ Е ВО ВЛАСТА, РЕЧЕ РАЗУЗНАВАЧОТ БОГОЕВСКИ ОТКАКО ГО ИЗГУБИ СЛУЧАЈОТ СО АЛИ АХМЕТИСлободан Богоевски на рочиште во Основниот суд Скопје 2 (архивска фотографија)

    Лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери го добија спорот против поранешниот директор на УБК Слободан Богоевски, кого во граѓанска парница го тужеа за клевета за неговата изјава како клучен сведок на Њујоршкиот суд против поранешните директори на Маѓар Телеком Елек Штрауб и Андраш Балог, кои се спогодија во април минатата година да платат парични казни и да добијат забрана за вршење дејност за да се запре случајот против нив во кој што беа обвинети дека потплатиле функционери од Македонија.

    Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека од реформи во судството нема да има ни „Р“ сè додека, како што тој ги нарече, злосторничкото здружување на ДУИ е во власта, откако денеска преку неговите адвокати ја доби пресудата од Основниот суд Скопје 2.

    Ахмети и Џафери тужеа бидејќи сметаа дека изјавата што ја дал Богоевски за Њујоршкиот суд, во која тврди дека двајцата, но и други поранешни високи функционери примале милионски мита за сузбивање на конкуренцијата во мобилната телефонија ја изнел пред медиуми и со тоа ги наклеветил и бараа оштета од 5,5 милиони денари за предизвикан стрес, но на крајот се откажале од парите и само барале да се објави пресудата во нивна корист како морална сатисфакција.

    Во текот на постапката, изостанаа клучните сведочења на нотарот Сашо Клисаровски, како и на адвокатката Билјана Панова, пред кои Богоевски ја дал изјавата за потребите на Њујоршкиот суд, бидејќи тие се повикаа на службена тајна во нивното постапување.

    Богоевски најави жалба пред Апелацискиот суд Скопје. Тој од почеток негодуваше што првичниот судија кај кој со АКМИС се падна овој предмет беше изземен и на негово место беше поставен судија избран во времето на ДУИ кој ја донел пресудата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира