НЕМААТ КОРОНАВИРУС ДОКТОРИТЕ КОИ БЕА ВО МАДРИД, ОСТАНУВААТ ВО ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈА

    НЕМААТ КОРОНАВИРУС ДОКТОРИТЕ КОИ БЕА ВО МАДРИД, ОСТАНУВААТ ВО ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈАЕдинствената пациентка со коронавирус која се лекува на Инфективната клиника во Скопје е во добра состојба и почнува фазата на опоравување, велат од Министерството за здравство. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Немаат коронавирус двајцата доктори кои се вратиле од конгресот во Мадрид, каде еден од предавачите е заболен, соопшти Министерството за здравство. По тестирањето на Инфективната клиника во Скопје, тие остануваат во домашна изолација во наредните 14 дена.

    Тие се вратиле во земјава во саботата навечер, а вчера Светската здравствена организација (СЗО) ги известила здравствените власти дека во текот на вчерашниот ден кај еден од предавачите на конгресот било утврдено дека е заболен од коронавирус.

    Од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче велат дека денеска за коронавирус се тестирани уште две лица, еден кинески и еден македонски државјанин.

    „Кинескиот државјанин денеска пристигнал на Скопскиот аеродром, но иако немал симптоми, службите на аеродромот го изолирале и веднаш го контактирале Институтот за јавно здравје, бидејќи е патник кој доаѓа од Кина. Македонскиот државјанин е наш студент во Италија. И тестовите на овие две лица се негативни на коронавирус“, вели Министерството.

    Единствената пациентка со коронавирус која се лекува на Инфективната клиника во Скопје е во добра состојба и почнува фазата на опоравување. Министерот вели дека епидемиолозите се во контакт со лицата во изолација, нема проблеми во контактите со полицајците и дека досега се тестирани 13 лица.

    Во однос на мерката за откажување на јавни собири до 6 март, Филипче рече дека ако остане ситуацијава како деновиве, нема да ја продолжат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира