Нема да дозволам нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничкото прашање на Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ за платите и бонусите во СЈО.
„Немојте под превезот на македонштината да зборувате за заштита на криминалот и неодговорноста. Македонштината се штити со одговорност, кој сака нека е. Ќе бидеме поголеми Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи – граѓани, составен дел на македонскиот народ во Република Северна Македонија ако навистина помогнеме правната држава да испорача правда, со докази јасно потврдени и одговорност, рече Заев.
Тој повтори дека не може да поминат обвинувањата и тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори што ги отвори и што ги води СЈО, дополнително набројувајќи дека се очигледни индициите на незаконско рушење на „Космос“, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските градители, за закани од позиција на моќ, за злоупотреба на службени овластувања.
„Таму каде што нема докази, секој е слободен граѓанин. Но, поради тоа што оваа Влада одлучила да ги објави сите податоци на финансиски трансакции од 2010 година до сега да извлекувате заклучоци и да го деградирате СЈО, како систем основан од сите во државата, заради тоа што не функционирало државното обвинителство, тоа не смееме да го дозволиме“, рече Заев.
Тој подвлече дека Парламентот има поголема надлежност во однос на правосудните реформи, ги носи законите во областа на правосудството, а судиите и обвинителите се тие кои носат одлуки во судски постапки.
„Треба да биде јасно и гласно, овој период нема ни три отсто нови судии од вкупниот број на судии. Нема ни три отсто нови обвинители од вкупниот број на обвинители во државата. Неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем. Во моментот Антикорупциска комисија проверува имот, пари, на семејства и на сите министри во Владата и на премиерот, и тоа е добро. Но, треба да ги провери и имотите на сите судии и обвинители, на адвокатите поврзани со нив, оцени премиерот и подвлече дека политичарите се должни да ги обезбедат условите за обезбедување на вистинските реформи на правосудството. Од моментот од кога сум премиер стотици предмети се вратени од тоа другото време“, кажа Заев.
Кажа и дека тој како премиер нема да дозволи никој поединец да го штити криминалот и дека надлежните органи треба да истражат и да одлучат каде има неправилности во однос на финансиите кои биле распределени во СЈО.
„Исплаќања од 1.000 евра, од 1.500 евра не смее да биде некоја не знам каква драма. Премиерот зема 84.000 денари плата, пратениците земаат 100.000 денари заедно со трошоците, кога ќе пресметате тоа се 18.000 евра годишно. За четири годни се 75.000 евра и од тука ќе извлекувате драма. Таму се вработени стручни служби. Таму се 10 специјални јавни обвинители кои ги ставиле главите под ризик. До ден денес нема пресуди затоа што заробеното сваровски судство е останато какво што е со огромни исклучоци на чесни судии. Истото тоа се случува и во ЈО. И од тука да влечете заклучоци дека злоупотребите во изборите не постоеја, тоа е монтирано, креирано, лепено“, кажа Заев.