НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ ЌЕ БИДЕ ПОБЕДА НА РУСИЈА, РЕЧЕ ЕКСДИПЛОМАТКАТА ОД САД ЕВЕЛИН ФАРАКАШ НА ПАНЕЛОТ ЗА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР

    НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ ЌЕ БИДЕ ПОБЕДА НА РУСИЈА, РЕЧЕ ЕКСДИПЛОМАТКАТА ОД САД ЕВЕЛИН ФАРАКАШ НА ПАНЕЛОТ ЗА РАМКОВНИОТ ДОГОВОРПоранешната заменичка на помошникот секретар за одбрана на САД задолжена за Европа и Азија Евелин Фаркаш рече дека пропаднатиот референдум ќе биде победа на екстремниот национализам и на Русија, и неуспех за владеење на правото, демократијата и ќе се наруши мирот (Фото: К. Попов)

    Поранешната заменичка на помошникот секретар за одбрана на САД Евелин Фаркаш задолжена за Европа и Азија изјави дека ако пропадне референдумот, тоа ќе биде победа за националистичките екстремисти и на Русија, а компромисот со Грција за спорот за името ќе ги отвори вратите на Македонија за ЕУ и за НАТО. Фаркаш учествуваше на панелот на тема „Патот до Брисел преку Охрид“, по повод одбележувањето 17 години од потпишувањето на Рамковниот договор.

    „Пропаднатиот референдум ќе биде победа на екстремниот национализам и на Русија и неуспех за владеење на правото, демократијата и ќе се наруши мирот“, рече Фаракаш, која на функција беше во мандатот на претседателот Барак Обама.

    Потпишувањето на Рамковниот договор беше првиот чекор, а референдумот е следниот чекор за заокружување на иднината на Македонија e заедничката порака на учесниците на панелот на кој покрај Фаркаш, учествуваа и лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Јовановска-Стојановска која беше на потпишувањето и поранешниот генерал  на НАТО во Македонија за време на склучување на Рамковниот договор Барни Вајт. Модератор беше вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

    Премиерот Заев рече дека со договорот за името со Грција се зачувува македонскиот јазик, македонскиот идентитет и  македонски народ.

    „Како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и на политичарите кои со потпишувањето на договорот ја извлекоа Македонија од конфликт, нам сега ни се дава можност да бидеме храбри, да донесеме вистинска одлука за да ја обезбедиме нашата иднина, иднината на нашите деца. Знам дека на 30 септември обединети ќе зачекориме со крената глава кон светлата иднина на Македонија. Сигурен сум и цврсто верувам дека ќе избереме европска Македонија“, рече Заев на панелот.

    Ахмети  рече дека партијата ќе се ангажира да го подигне нивото на мобилизација за да биде секој граѓанин информиран за договорот со Грција.

    Мицкоски по завршувањето на панел-дискусијата го повтори ставот дека партијата уште не донела одлука дали ќе го повика членството да го бојкотира или да излезе на гласање на референдумот.

    „Нормално, разговараме со стотици граѓани на дневна основа, исто така ги консултираме и партиските тела во периодот што следува, ќе имаме состанок на Извршниот комитет и на Централниот комитет на партијата, така што можеме да кажеме дека во едни вакви историски значајни моменти за Македонија темелна и исцрпна дебата е неопходна во општеството“, рече Мицкоски.

    Поранешните лидери на  ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и на СДСМ Бранко Црвенковски, кои се потписници на Рамковниот договор, иако поканети не присуствуваа на трибината.

    На трибината не присуствуваше и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика. Тој не беше достапен да одговори зошто тој не е организатор и модератор на панелот туку е Бујар Османи.

    Организатор на прославата по повод 17 години од потпишувањето на Рамковниот договор беше Османи. Од Владата изјавија дека Лика бил уредно поканет, а настанот го органзирал Секретаријатот за европски прашања, а не Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, бидејќи тема биле евроинтеграциите.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари