Премиерот Димитар Ковачевски вели дека прехранбените производи кои поскапеа откако Владата го зголеми ДДВ од 5 на 10 отсто и понатаму се со повластена стапка, односно се под основната стапка од 18 отсто.
„ДДВ во нашата држава е најмало во споредба со земјите од регионот и во Европската Унија. Ние имаме 18 отсто основна стапка на ДДВ, додека во Србија и Албанија е 20%, во Грција 21%, а во Хрватска 25%, што значи дека сите имаат повисока основна даночна стапка. Кога ќе ја видиме листата на повластени производи со 5 отсто данок, таму се 1.600 производи, што исто така претставува најголема листа на артикли од сите земји“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на настанот „Вкуси ја традицијата – Втор национален саем за храна и пијалаци“.
Можно е коригирање на ставката кај некои производи кои со новата одлука сега се даночат со 10 отсто, но премиерот смета дека тоа може да бидат еден до два производа, бидејќи листата внимателно ја правеле.
Со новата одлука на Владата, која беше донесена на 28 септември, а стапи на сила вчера, се зголемува ДДВ на повеќе производи, меѓу кои се чај, цвекло, лутеница, сладолед, чипс, мусли, овесни снегулки, зачини, млечни намази, кроасани, замрзната риба и храна за бебиња. Производите, како што велат од Владата, поскапуваат оти се луксуз или не се добри за здравјето.
А. АНТЕВСКА