НИЕ СМЕ ПОВЕЌЕ ОД СОСЕДИ СО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, АМА СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ ТРЕБА ДА СИ ГИ ЗАПАЗАТ УСЛОВИТЕ, РЕЧЕ БУГАРСКИОТ ПРЕМИЕР ГЛАВЧЕВ ПРЕД САМИТОТ НА НАТО

    НИЕ СМЕ ПОВЕЌЕ ОД СОСЕДИ СО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, АМА СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ ТРЕБА ДА СИ ГИ ЗАПАЗАТ УСЛОВИТЕ, РЕЧЕ БУГАРСКИОТ ПРЕМИЕР ГЛАВЧЕВ ПРЕД САМИТОТ НА НАТОБугарскиот премиер Димитар Главчев со премиерот Мицкоски на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО во Вашингтон. (Фото: Влада на РСМ)

    За САКАМДАКАЖАМ.МК од Вашингтон, Горан Михајловски

    Бугарскиот премиер Димитар Главчев кажа дека пред состанокот на Северноатлантскиот совет на самитот на НАТО во Вашингтон разговарал со премиерот Христијан Мицкоски и обајцата се согласиле дека дека треба да се нормализираат односите меѓу двете земји и да се вратат на нивото од 2017, кога беше потпишан Договорот за добрососедство.

    „Обајцата бевме на тоа мислење, па да видиме како ќе се случи, но нема ништо подобро од убави, добри односи меѓу соседи, а може да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија. Треба да се развива економијата, да се развиваат односи во сите аспекти. Но, не остапивме и кажав дека треба да се запазат и барањата коишто се поставени не само за Република Северна Македонија туку и за сите држави од Западен Балкан, нашата позиција е во склад со општите европски вредности дека сите кандидати за членство во ЕУ треба да ги запазат условите кои се за сите исти“, рече Главчев одгвоарајќи на прашање на бугарска новинарка дали се сретнал со Мицкоски со оглед на провокативните изјави што тој ги дал во Вашингтон за Бугарија.

    „Со него најмногу разговарав, и кажавме дека треба да се намалат тензиите, направивме снимка и ќе си ја пуштиме. Но разговаравме и сме истомисленици дека треба да се намалат тензиите во говорите. Меѓу народите на двете соседни земји нема тензии и политичарите ако не можат да помогнат тогаш не треба да пречат, тоа е моето разбирање“, рече Главчев.

    Од македонската Влада подоцна соопштија дека „На средбата беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што Мицкоски посочи дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови препреки нема да ги зближат двата народи и дека треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции“.

    Вчера, одговарајќи на прашање која е неговата стратегија земјата да ги почне преговорите со ЕУ, на настан во Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, Мицксоки рече дека дека првин ЕУ треба да ја убеди Бугарија да имплементира барем три решенија на Судот во Стразбур во врска со македонското малцинство, бидејќи, во спротивно, не може да верува дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последниот услов за нас.

    „И кое е решението? Ние кажавме, и напишавме во нашата изборна програма, дека сме подготвени да ги усвоиме уставните измени во парламентот сега. Но, тие да станат ефективни кога ќе ги завршиме преговорите и кога пристапниот протокол ќе биде ратификуван од парламентите на сите 27 земји членки. Бидејќи, извинете, ние сме биле предадени премногу пати во минатото. И за жал, не можам да верувам дека ова ќе биде последниот услов што вештачки ни се наметнува. Сите тие гласови ми велат, види Христијан, ние гарантираме дека ова е последното. Јас им велам, видете, ок, јас верувам. Му верувам на Брисел, му верувам на Берлин, му верувам на Рим. Но, знам кому не можам да му верувам. Затоа, ве молам обидете се да ме уверите со тоа што првин ќе ги убедите властите кај нашиот источен сосед да имплементира барем три решенија што доаѓаат од судот во Стразбур“, вели Мицкоски.

    Премиерот кажа дека никој не се спротивставува во Преамбулата да бидат ставени „неколку стотици наши сограѓани кои тврдат дека се дел од бугарската заедница во земјата“, но додава дека нема одговор на прашањето дали тоа ќе биде последното барање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира