НИКОЈ НЕМАШЕ ЗАБЕЛЕШКА НА ГЛАСАЊЕТО, КАЖА СВЕДОК НА „ТИТАНИК 2“ ЗА ПОНИШТЕНОТО ГЛАСАЊЕ ВО СТРУМИЦА ПО ПОВИКОТ НА МИЈАЛКОВ

    НИКОЈ НЕМАШЕ ЗАБЕЛЕШКА НА ГЛАСАЊЕТО, КАЖА СВЕДОК НА „ТИТАНИК 2“ ЗА ПОНИШТЕНОТО ГЛАСАЊЕ ВО СТРУМИЦА ПО ПОВИКОТ НА МИЈАЛКОВИбраими, Срцев, Стефанова и Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, според обвинението на СЈО, без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев тогаш го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето во ДИК, според обвинението, било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков. Четвртиот глас за 4 спрема 3 Мијалков го обезбедил преку обвинетиот Мендух Тачи, кој му наредил на Ибраими да гласа за поништување на, според СЈО, кристално чистите резултати. - Ибраими и Срцев на седница на ДИК (архивска фотографија)

    Сведок на Специјалното јавно обвинителство, која била член на избирачкиот одбор на местото во Струмица, чии резултати на локалните избори во Струмица 2013 година, ДИК без никаква основа ги поништи, на денешното судење за „Титаник 2“ потврди дека таму се било во совршен ред, и оти залудно гласањето било поништено.

    За ова кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата“ обвинети се поранешните членови на ДИК кои гласале ЗА: Бедредин Ибраими од ДПА и Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ. Ако СЈО докаже дека без никаква основа, по партиска команда го поништиле регуларното гласање на ова избирачко место во Струмица, на обвинетите им се закануваат затворски казни.

    „Дали бројот на гласачките ливчиња во кутиите се совпаѓаше со бројот на скинатите ливчиња во изборниот материјал?“, ја праша обвинителката Фатиме Фетаи сведокот-член на избирачкиот одбор на оспореното гласачко место.

    „Да, ист беше бројот на гласачките ливчиња во кутиите со бројот на скинатите ливчиња во списокот со гласачи на тоа избирачко место. Ова го утврдивме во присуство на претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“, одговори таа и додаде дека никој немал каква било забелешка на процедурата и на резултатот од гласањето на тоа избирачко место во Струмица, на кое излезноста била речиси 100 проценти.

    Ибраими, Срцев, Стефанова и Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, според обвинението, без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев тогаш го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето во ДИК, според обвинението, било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени бомби во Основниот суд Суд Скопје 1. Во бомбите, се слуша како тогашниот претседател на ДИК Борис Кондарко бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинет е и Мендух Тачи, како тогашен лидер на ДПА, која им беше опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, но на повик на Мијалков, како што се чу во бомбите, веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими и му дава наредба да гласа за поништувањето на резултатите од гласањето во Струмица.

    Ова судење ќе паузира околу еден месец, поради патување на обвинетиот Сашо Срцев во Америка, на свеченост кај ќерка си, на што претходно се согласија обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира