НИТУ СУМ ГО ДИСКРЕДИТИРАЛ ОБВИНИТЕЛСТВОТО, НИТУ ИМАМ НАМЕРА ДА СЕ МЕШАМ ВО КРИВИЧНИ ПОСТАПКИ, МУ ОДГОВОРИ ПЕНДАРОВСКИ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

    НИТУ СУМ ГО ДИСКРЕДИТИРАЛ ОБВИНИТЕЛСТВОТО, НИТУ ИМАМ НАМЕРА ДА СЕ МЕШАМ ВО КРИВИЧНИ ПОСТАПКИ, МУ ОДГОВОРИ ПЕНДАРОВСКИ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВОПендаровски уште еднаш кажа дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот „Рекет“. - Претседателот Стево Пендаровски на вчерашната прес-конференција за случајот „Рекет“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ нема направено дискредитација на Јавното обвинителство, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек, соопштија од неговиот кабинет по денешната реакција од Јавното обвинителство дека неговата изјава не е реална.

    „Потенцираме дека Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори сè за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот ’Рекет‘. Кабинетот на претседателот Пендаровски уште еднаш укажува дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот ’Рекет‘, почитувајќи го начелото на презумпција на невиност“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

    Од Јавното обвинителство утринава рекоа дека вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци не е реална, бидејќи не ги повикал пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и не дал поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото.

    Од Јавното обвинителство сметаат дека сега не е момент за напади на институциите и нема да дозволат дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира