НОВ ХИРУРШКИ УРГЕНТЕН ЦЕНТАР НАСКОРО ВО БОЛНИЦАТА ВО КУМАНОВО

    НОВ ХИРУРШКИ УРГЕНТЕН ЦЕНТАР НАСКОРО ВО БОЛНИЦАТА ВО КУМАНОВО„Предвидени се и нови инвестиции во соработка со Проект ХОУП во гинеколошкото одделение, со обезбедување нова опрема: ЦТГ апарати, колпоскоп, гинеколошки стол“, велат од Министерство за здравство (Фото: Министерство за здравство)

    Хируршкиот ургентен центар во општата болница во Куманово, наскоро ќе добие комплетно нов објект, соопшти Министерството за здравство.

    „Деновиве се привршуваат градежните зафати и објектот наскоро ќе биде пуштен во употреба. Во Општа болница Куманово ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика. Од оваа инвестиција придобивка ќе имаат над 30.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар, со посебен акцент на хирургија, урологија и ортопедија“, велат од Министерството за здравство.

    Објектот е изграден од темел, со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција.

    „Претходно бевме сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло. Со новиот простор се добива повеќе од 90 отсто поголем простор со новиот хируршки ургентен центар. Хируршкото одделение е секогаш најударно, и едно од најактивните одделенија каде најчесто доаѓаат итни случаи“, рече д-р Методија Димковски, началник на одделот за хирургија во кумановската болница.

    Според него со новиот простор ќе се обезбеди подобар пристап за пациентите, услугата ќе биде на едно место, и нема да се препраќаат пациентите до рентген дијагностика.

    „За првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат пет хируршки сали. Паралелно на условите за третман на пациенти, се унапредуваат и вештините на докторите односно наши колеги од клиниките од разни специјалности континуирано доаѓаат во нашата болница и на тој начин се реализира континуирана едукација. Општата болница Куманово покрива околу 200.000 жители од овој град и околината“, рече д-р Димковски.

    Од сопствени средства на болницата реновиран е просторот во клиничката и биохемиската лабораторија, отворен е нов шалтер, на инфективниот оддел во тек е поставување изолација и варосување на собите и болничките ходници, комплетно е обновена салата за состаноци и архивата, реновирани се дел од собите на акушерското одделение, како и просториите за службата за обезбедување, а обновени се и камерите за видео-надзор во болницата.

    „Предвидени се и нови инвестиции во соработка со Проект ХОУП во гинеколошкото одделение, со обезбедување нова опрема: ЦТГ апарати, колпоскоп, гинеколошки стол, а во соработка со Австрија планирана е донација на кревети за педијатрискиот оддел“, велат од Министерството за здравство.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари