Пожарите во Пехчево и Делчево и понатаму не се ставени под контрола, а нов поголем пожар денеска избувна во Радовиш. Како што соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во Радовиш пожарот е кај селото Дамјан каде дува ветер, а од Општината е побарано интервенција од хеликоптер.
„Времето утрово беше со пониски температури и овозможи да дејствуваат и хеликоптерите, тие сега гаснат во Пехчевско. Кај село Робово е најкритично, сета расположлива сила е таму за да се спречи пожарот да се прошири во Берово. Во Штип повторно имаме активирање на пожарот, теренот е многу непристапен, таму се припадници на Армијата и протипожарни екипи од повеќе градови. Исто пожар посериозен од утрово има и во Радовиш“, кажа Горан Стојановски од ЦУК.
Во Прилеп има два пожара, едниот е под контрола и нема никакви шанси за ширње, но вториот кај Плетвар е потежок поради непристапен терен.
По Скопскиот Регион пожари нема, сите се локализирани, а во Кумановко-Липковскиот Регион се ставени под контрола.
Денеска, како што кажаа од ЦУК, ќе стасаат два големи авиона од Романија со кои ќе се гаснат пожарите, а дополнително треба да се утврди од каде ќе полнат вода.
А. АНТЕВСКА