Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов, Агим Муртезанов, и Костадина Ацевски се новите пратеници од листите на СДСМ. Тие влегуваат место Петре Шилегов, кој стана градоначалник на Град Скопје, Стефан Богоев, градоначалник на скопската Општина Карпош, Курто Дудуш на Шуто Оризари, Максим Димитриевски на Куманово, Сашо Поцков на Гевгелија, Коста Јаневски за Струмица и Благој Бочварски за Штип.
И кај партиите на Албанците после завршување на локалните избори, ќе се смени составот во Собранието.
Лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами си поднесе оставка од пратеничката функција за да се кандидира за градоначалник на Тетово. Тој изгуби и на негово место во Парламентот влегува Неџбедин Каремани.
Мерал Узеири Ферати од ДПА, влегува во Парламентот место Бардиљ Даути, кој, исто така, претходно си даде оставка и потоа се кандидираше за градоначалник на Тетово, но не влезе во втор круг.
Г. ТРПЕНОСКИ