НОВИ ЗДРАВСТВЕНИ КАРТИЧКИ НЕМА ДА ИМА, ЛЕКАРИТЕ ДА СИ НАБАВАТ ДИГИТАЛЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ДА ВЛЕЗАТ ВО СИСТЕМОТ

    НОВИ ЗДРАВСТВЕНИ КАРТИЧКИ НЕМА ДА ИМА, ЛЕКАРИТЕ ДА СИ НАБАВАТ ДИГИТАЛЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ДА ВЛЕЗАТ ВО СИСТЕМОТЛекарите на кои годинава им истекуваат картичките, за да можат да влезат во електронскиот систем и да ги видат податоците за пациентите, ќе треба да набават дигитален сертификат.-Поликлиника Чаир (Фото:СДК.МК)

    Печатење нови електронски здравствени картички засега нема, а лекарите на кои до крајот на годината ќе им истече картичката за да можат да влезат во здравствениот систем треба да набават дигитален сертификат. Проблем со електронските картички има веќе три години, но годинава тој е посериозен оти истекува важноста на картичките на 500.000 граѓани.

    Претходните здравствени власти навреме не распишаа тендер за избор на фирма која ќе печати новите, а ексминистерот Арбен Таравари, кој сега е градоначалник на Гостивар, летово кажа дека ќе го менуваат системот со картички, односно дека електронската картичка и личната карта ќе бидат во едно, но дека тоа ќе се случи за две до три години.

    Минитерството за здравство сега вели дека формирале работна група од претставници од Министерството, Фондот за здравствено осигурување, Управа за електронско здравство и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, и дека таа изработила предлог за обезбедување континуитет на користењето на електронските услуги во здравствениот систем.

    „Анализирани се процесите каде се употребува сегашната ЕЗК и дигиталниот сертификат. Според собраните информаци, работната група изготви краткорочни и долгорочни решенија, за времено надминување на наведениот проблем со користење на електронските услуги во здравството. Во решението се предвидува лекарите и другите корисници како овластени лица од фирми и здравствени установи, кои имаат потреба од дигитално потпишување, односно ги користат и сега електронските услуги на ФЗОМ да може да користат сертификат од постојната ЕЗК, ако не е истечена, или да набават квалификуван сертификат од двата регистрирани издавачи во Македонија, а тоа се КИБС или Телеком“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство засега не кажуваат кое е долгорочното решение, односно дали здравствената картичка ќе биде споена со личната карта, како што најави поранешниот министер Таравари, или пак ќе има друго решение.

    Проблемот со печатење на картичките настана уште пред три години, кога истече договорот на Министерството за здравство со хрватската фирма АКД, која ги печатеше картичките. Тогаш дел од картичките останаа недопечатени, а целиот проект поранешниот министер за здравство Никола Тодоров го префрли на Фондот за здравство. Дополнителен проблем настана лани, кога важноста на картичките што беа испечатени 2011 година истече, бидејќи безбедносниот код на картичките е со важност од пет години. ФЗОМ тогаш овој проблем го реши така што договорија компанијата Индициум, фирма ќерка на хрватската компанија АКД да ги испечати овие картички, од оние што останале непотрошени од претходниот договор.

    Тогаш истече важноста на околу 46.000 електронски здравствени картички, а беа испечатени и над 103.000 други картички, кои осигурениците ги платија, но дотогаш не ги добија. Поранешниот директор на ФЗОМ Сашо Стефановски лани за 73.000 евра ангажираше фирма консултант која требаше да го скенира системот и да каже кое најдобро решение за печатење на нови картички, и најави дека во ноември лани ќе распише тендер за избор на фирма што ќе ги печати картичките, за да не се случи годинава осигуреници да останат без оваа електронска легитимација.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира