По прифаќањето на премиерот Зоран Заев на дел од амандманите на Алијансата за Албанците и Движењето Беса кои беа услов нивните четворица пратеници да гласаат за уставните измени, обезбедени се потребните 80 гласови за имплементација на Договорот од Преспа.
Собраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека целата процедура за промената на Уставот би требало да заврши до петок.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села вчера после средбата со Заев рече дека е задоволен од прифатеното, но конкретно не кажа дека ќе гласа за уставните измени.
„Дали ќе гласаме ќе се знае на чинот на гласањето“, рече Села.
Владини претставници разговараат и со тетовското крило на Движењето Беса на Билал Касами, кои имаат двајца пратеници во Собранието. Амандманите на Беса се слични со тие на Алијансата за Албанците.
Неофицијално, извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека по прифаќањето на дел од амандманите на Алијансата за Албанците и на тетовското крило на Движењето Беса, нивните четворица пратеници ќе гласаат за промена на Уставот, со што се обезбедени потребните 80 гласови.
Заев рече дека промена ќе претрпи Преамбулата, а зборот „граѓани“, нема да се споменува два пати. Се брише зборот „граѓаните кои живеат во нејзините граници“ и потоа се набројуваат сите етнички заедници.
Измени ќе претрпи и амандманот 36 кој се однесува за грижата за дијаспората. За Владата прифатлив е амандманот на Алијансата за Албанците со кој покрај македонскиот народ ќе бидат наведени и другите етнички заедници.
Во уставниот закон ќе се вметне и Косово, како петтата држава со која граничиме.
Собранието во 12 часот ја закажа седницата на која започнува третата финална фаза од донесувањето на уставните измени во Собранието.
На дневен ред се утврдување на Предлог амандманите 33,34,35 и 36 на Уставот на Република Македонија, нивно донесување и прогласување.
На седницата пратениците ќе го гласаат и Уставниот закон за спроведување на амандманите за измена на Уставот.
Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлука за измена на Преамбулата, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, Собранието донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
Собранието донесува одлука за прогласување на амандманите на Уставот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
По прогласувањето на амандманите на Уставот, започнува постапката за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот.
Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. По донесувањето на уставниот закон Собранието донесува одлука за прогласување на уставниот закон со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во расправата за уставните амандмани.
Пред Собранието во 12 часот е најавен протест од политички партии и здруженија од земјата и дијаспората кои лани во ноември формираа Кризен штаб против промена на Уставот, за распуштање на Собранието и за распишување избори, обединети под слоганот „Македонија блокира“.
Г. ТРПЕНОСКИ