ОБЕЗБЕДИВМЕ КОНТИНУИРАНА ТЕРАПИЈА ЗА БОЛНИТЕ СО МАЛИГНИ БОЛЕСТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ОБЕЗБЕДИВМЕ КОНТИНУИРАНА ТЕРАПИЈА ЗА БОЛНИТЕ СО МАЛИГНИ БОЛЕСТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕРаното откривање на малигните хематолошки заболувања и обезбедување континуирана и современа терапија ја зголемуваат успешноста во лекувањето; - Од почетокот на кампањата на здружението „Борка- за секој нов ден“. (Фото: Министерство за здравство)

    Со групна набавка на лековите за малигни заболувања обезбедивме континуирана терапија и се надмина состојбата во која, поради ограниченоста на условните буџети, дел од пациентите кои не биле на листа не можеле да добијат лек, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на кампањата за навремено откривање на малигните хематолошки заболувања на здружението „Борка – за секој нов ден“.

    Одговарајќи на прашања на пациенти дали има проблеми со навремено давање терапија на сите новооткриени болни поради тоа што процедурите за набавка предолго траат, Филипче кажа дека претходно имало ситуации во кои, поради ограниченоста на средствата во условните буџети што ги добивале здравствените установи, се случувало по трошењето болните да немаат лек, а со спојување на буџетите и со централизирана двегодишна набавка на лекови се зголемил и бројот на болни што добиваат терапија.

    „Овде зборувам за сите онколошки пациенти, не само за оние со малигни хематолошки заболувања. Бројот на пациенти што примаат терапија сега е зголемен за 80 отсто“, рече Филипче.

    Тој кажа дека заедно со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) обезбедиле нови лекови и нови методи за лекување на пациентите со малигни хематолошки болести, кои претходно се лекувале во странство.

    „Се надевам дека со измени на Законот за здравствено осигурување, кој е во собраниска процедура, ќе може да направиме измена на позитивната листа на лекови, а овој период најдовме алтернативен начин да обезбедиме нова современа терапија. Со оваа централизирана набавка со која обезбедивме 30 нови биолошки лекови имаме милионски заштеди“, рече Филипче.

    Рано откривање на малигните хематолошки заболувања и редовна современа терапија се важни за зголемување на успешноста во лекувањето, рече Биба Додева претседателката на на здружението „Борка – за секој нов ден“ Биба Додева. Таа рече дека овој месец е посветен на подигање на јавната свест за важноста од раното откривање на хематолошките болсти, како леукемија, лимфом и миелом.

    „Имаме одлична соработка со Клиниката за хематологија веќе 13-та година по ред, а Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување обезбедија најсовремени методи и лекови што ги зголемува можностите за излекување. Многу е важна и поддршката за пациентите, кои може да се обратат во нашиот центар, бидејќи освен лекување на телото потребно е лекување и на духот и емоциите. Здружението организира континуирана едукација на матичните лекари, за да може навреме да ги препознаат симптомите“, рече Додева.

    Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска-Ставридис рече дека постојано расте бројот на пациенти со хематолошки малигни заболувања и дека со раното откривање на болеста и со примена на новите лекови, за четири пати се зголемува бројот на пациенти со петгодишно преживување. Таа кажа дека симптомите за овие заболувања се многу општи, и дека во најголем број од случаите може да се работи за друга болест, но дека е многу важно луѓето да се прегледаат.

    На прашањето од пациентите дали новите случаи веднаш добиваат терапија, таа кажа дека сега никој не е оставен без лек и дека претходно поради оредедени технички и бирократски процедури можеби имало доцнење.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира