ПОЛИЦИЈАТА ТВРДИ ДЕКА СПРЕЧИЛА УПАД ВО СОБРАНИЕТО ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ ВО ПРЕСПА

    ПОЛИЦИЈАТА ТВРДИ ДЕКА СПРЕЧИЛА УПАД ВО СОБРАНИЕТО ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ ВО ПРЕСПАЛидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија, д-р Јанко Бачев со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола за време на синоќешниот протест пред Собранието. (Фото: Фејсбук/Радио Слободна Европа)

    Полицајци и цивили беа повредени за време на синоќешниот протест пред Собранието во Скопје по потпишувањето договорот со Грција за конечно решавање на спорот за името во Преспа. Од МВР велат дека употребиле солзавец на протестот со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието и дека се приведени 25 лица кои учествувале во нередите.

    „Во текот на протестот пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Поради тоа полицијата реагираше согласно процедурите употребувајќи солзавец“, соопштија од МВР.

    Од Ургентниот центар рекоа дека станува збор за полесни повреди и дека немаат пациент во животозагрозувачка состојба по синоќешниот протест пред Собранието. (Фото: СДК.МК)

    Во Ургентниот центар на Скопските клиники ноќеска беа донесени 11 повредени, од кои осум полицајци и тројца цивили. Полицајците и цивилите се здобиле со повреди по нередите околу 21 часот, кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат со камења против полицијата што го чува Собранието, а потоа се обидоа и насилно да ја турнат заштитната ограда и да се упатат кон Собранието. Полицијата интервенираше со околу десетина шок бомби и солзавец за да ги растури демонстрантите. Од Ургентниот центар рекоа дека станува збор за полесни повреди и дека немаат пациент во животозагрозувачка состојба.

    Во првиот ред на протестот беше и лидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија, д-р Јанко Бачев, кој со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце, се качи на полициската оклопна кола.

    Договорот за решавање за спорот за името со Грција утринава беше потпишан во селото Псарадес (Нивици) на грчката страна Преспанското езеро.

    Договорот насловен како „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“ го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров.

    Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици) го потпишаа договорот со кој, ако биде ратификуван во Парламентите на двете земји, ќе се реши 27-годишниот спор за името. (Фото: Влада)

    Два часа по потпишувањето на договорот со Грција, ВМРО-ДПМНЕ, на чело со лидерот Христијан Мицкоски одржа протест во Битола. На протестот беа присутни околу 1.500 луѓе, демонстрантите носеа транспарент со цитат од Тодор Александров „Организацијата е народот и народот е организацијата“ и крст на кој пишуваше „Република северно од Македонија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира