ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ТРЕБА УШТЕ МНОГУ РАБОТА ЗА ДА СЕ ОСТВАРИ

    ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ТРЕБА УШТЕ МНОГУ РАБОТА ЗА ДА СЕ ОСТВАРИПремиерите Заев и Ципрас кажаа дека договорот ќе донесе нова ера во односите меѓу двете земји, просперитет и соработка, но и дека двете страни мора многу да работат за тој да се оствари (Фото: М. Златевска)

    Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици) го потпишаа договорот со кој, ако биде ратификуван во Парламентите на двете земји, ќе се реши 27-годишниот спор за името. Со овој договор името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас и посредникот  на ОН Метју Нимиц. Пред потпишувањето, премиерите Заев и Ципрас кажаа дека договорот ќе донесе нова ера во односите меѓу двете земји, просперитет и соработка, но и дека двете страни мора многу да работат за тој да се оствари.

    Премиерите Заев и Ципрас со глисери од грчката страна на Преспанското езеро стигнаа во Отешево (Фото: М. Златевска)

    „Договорот ни донесе охрабрување и аспирација, поголема доверба меѓу двете земји и подобар живот на граѓаните. Ни донесе пријател за кој некој ни велеше дека ни е непријател. Горди сме на ова решение, оти избравме решение кое нè обединува. Кога имаш верба, надеж и храброст може планини да поместиш. Навистина поместивме планини. Кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Противниците на овој договор треба да знаат дека нашите општества, македонското и грчкото, се дел од европскиот систем на вредности.  Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Нашите граѓани едноставно ги заслужуваат мирот, демократијата, владеењето на правото, економскиот просперитет “, рече Заев.

    Грчкиот премиер Ципрас кажа дека овој взаемно корисен договорот целосно ги почитува вредностите и принципите на двата народи.

    „Договорот значи нова ера на стабилност, просперитет и безбедност, но сепак за да се оствари, обете страни мора многу да работат. Имаме историска одговорност овој договор да не остане неактивен и јас сум убеден дека ние ќе успееме во тоа“, рече Ципрас.

    Договорот со кој, ако биде ратификуван во Парламентите на двете земји, ќе реши 27-годишниот спор за името го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас (Фото: М. Златевска)

    По официјалниот дел на потпишувањето на договорот, владините делегации на двете земји придужувани од еврокомесарот Јоханес Хан, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, со глисери стигнаа во македонскиот дел на Преспа, во Отешево, каде имаа заеднички ручек.

    По пристигнувањето во Отешево, Могерини и Хан изјавија дека потпишувањето на овој договор е историски момент и им честитаа на премиерите Заев и Ципрас, за храброста и решителноста да се најде решение на 27-годишниот спор за името.

    „Европската комисија веќе даде препорака за почеток на преговори на Македонија со Европската унија, и лично се надевам дека за две недели ќе има датум, а денешното потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција е позитивен сигнал“, кажа Могерини.

    Додека траеше потпишувањето на договорот десетици Грци со знамиња во рацете протестираа во близина на селото Псарадес (Нивици), но полицијата ги спречи да се доближат до местото каде се наоѓаа владините делегации на двете земји. Во судирите о полицијата повредени се осуммина демонстранти.

    Два часа по потпишувањето на договорот, опозиционата ВМРО-ДПМНЕ организираше протест во Битола.

    Могерини и Хан по пристигнувањето во Отешево изјавија дека потпишувањето на овој договор е историски момент и им честитаа на премиерите Заев и Ципрас за храброста и решителноста да се најде решение на 27-годишниот спор за името (Фото: М. Златевска)

    Договорот насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“ го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров.

    Со договорот се предвидува:

    • Име – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот
    • Јазик – македонски без фуснота – потврден од ООН
    • Националност – македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia)
    • Новото име Република Северна Македонија ќе почне да се употребува на меѓународен план откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји
    • На внатрешен план новото име на земјата ќе се употребува по отворање на поглавјата за преговори за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот
    • Договорот станува валиден кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји
    • По уставните промени, кои ќе следат по евентуален успешен референдум, договорот се ратификува во парламентот во Грција. При тоа ќе се ратификува и договорот за името, но и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Оттогаш почнува меѓународната употреба на новото име.
    • На 28 јуни годинава, Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија,
    • Кодовите за Македонија остануваат мк и мкд.
    • На 12 јули на самитот на НАТО Македонија да добие покана за членство во алијансата како нејзина 30-та членка.
    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари