Го видов Зијадин Села како лежи пред скалите кај клубот на пратеници во Собранието, а луѓето како стампедо поминуваа по него, сведочеше Александар Стојкоски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешното судење за обидот за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците на 27 април минатата година. Стојкоски кажа дека на 27 април не бил на протестите, туку случајно поминувал покрај Собранието.
„Кога јас влегов во Собранието немаше гужва, луѓето слободно влегуваа. Бев во клубот на пратеници, кога некој рече дека Села е пред просторијата. Излегов и се шокирав, беше во бессознание. Забележав дека Ацо Тошта (обвинетиот Александар Јаневски, н.з.) со рацете ги трга луѓето од Села. Пристапив и јас. Го видов обвинетиот Кире Ѓоргиевски, беше многу вознемирен и викаше. Го тргнав и му реков да се смири. Ми рече: како да се смирам, пукаа на мене. Не можам да се сетам на други лица. Но, знам дека местото и состојбата во која беше Села не беше безбедна оти како поранешен пратеник го знам Собранието. Тука се спојуваат повеќе ходници и луѓе доаѓаа од сите страни“, рече Стојкоски.
Потоа тој бил еден од оние кои го внеле Села во клубот на пратеници и како доктор му дал прва помош. Стојкоски сведочеше дека обвинетиот Ацо Тошта бил во просторијата и стоел пред вратата за да не дозволи некој од масата да влезе внатре.
- БЕВ СКОНЦЕНТИРАН НА СЕЛА, НЕ ГИ ВИДОВ ТЕПАЧИТЕ, ВЕЛИ СВЕДОКОТ ЈАНАКИЕВ ОД МВР
- ЗЕКИРИ ПОСОЧИ ДВАЈЦА ОД ОБВИНЕТИТЕ ДЕКА ГО ИЗНЕЛЕ СЕЛА ОД СОБРАНИСКИОТ ПРЕС-ЦЕНТАР
- ВЛАТКО ЃОРЧЕВ НИ ПОМОГНА ДА ГО ИЗВЛЕЧЕМЕ СЕЛА, СВЕДОЧЕШЕ ЧЛЕНОТ НА СОБРАНИСКОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ АЉИФИ
- НАЈАГРЕСИВНИОТ ТЕПАЧ НЕ Е МЕЃУ ОБВИНЕТИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИ ЗА ОБИДОТ ЗА УБИСТВО НА СЕЛА
- ЏАФЕРИ ПРЕПОЗНА ПЕТМИНА ОД ОБВИНЕТИТЕ ЗА ОБИДОТ ЗА УБИСТВО НА СЕЛА
- СО СЕЛА ЗАВРШИВМЕ, СЕГА СТЕ ВИЕ НА РЕД, СВЕДОЧЕШЕ ЏАФЕРИ ШТО ЗБОРУВАЛЕ НАПАЃАЧИТЕ НА 27 АПРИЛ
Стојкоски сведочеше дека потоа заедно со останатите кои биле во просторијата заклучиле дека мора да се однесе Села на друга побезбедна локација оти луѓе постојано доаѓале и го барале Села. Го преслекле, му ставиле капа и заедно со Ацо Тошта го однеле прво до бифето, а потоа со други лица вработени во Собранието по надворешни скали го евакуирале.
„Во состојбата во која го затекнав Села можев да заклучам дека сè може да се очекува од таа група на луѓе што беше во Собранието“, одговори Стојкоски на прашањето на судијката Славица Андреевска од што го штител Села.
А. АНТЕВСКА