ОБВИНЕТИОТ МАНЕВ РЕЧЕ ДЕКА ВО НАРОДНА БАНКА РАБОТИ ЧОВЕКОТ ШТО ГО УНИШТИЛ ПИШТОЛОТ СО КОЈ ПАЛЕВСКИ ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ

    ОБВИНЕТИОТ МАНЕВ РЕЧЕ ДЕКА ВО НАРОДНА БАНКА РАБОТИ ЧОВЕКОТ ШТО ГО УНИШТИЛ ПИШТОЛОТ СО КОЈ ПАЛЕВСКИ ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕПалевски, ми рече да му се јавам на З. Д. 'пакетот' да го отстрани откај него, да го фрли и уништи. Да не може да се најде. После тоа морав да го известам дека сум се јавил и сум пренел порака. Лажев за него, иако го има на камерите“, кажа Манев за ранецот со оружјето, што во разговор со тогаш избеганиот Палевски го нарекувале пакет. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор на судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панќе Жежовски од Велес кажа дека е засрамен, се кае, цел живот ќе жали што бил изманипулиран од Љупчо Палевски-Палчо кому душата му ја дал на тацна, му верувал, а тој го измамил дека само ќе грабнуваат луѓе за пари, а всушност ги убивал.

    „Бидејќи ме нарече лажго и сака да ми натовари вина дека јас сум ги убил Вања и Панче, еве ќе кажам дека лично тој ми се јави од турска граница и ми рече да му се јавам на З. Д. од Народна банка, член на Десна. По израз на Палевски, ми рече да му се јавам на З. Д. ‘пакетот’ да го отстрани откај него, да го фрли и уништи. Да не може да се најде. После тоа морав да го известам дека сум се јавил и сум пренел порака. Лажев за него, иако го има на камерите“, кажа Манев за ранецот со оружјето, што во разговор со тогаш избеганиот Палевски го нарекувале пакет.

    „Човекот кому толку многу му помогнав, ме измами. Испаднав голема наивна будала која си го зацрни животот и си ги изгуби пријателите, не само во Македонија“, рече Манев.

    „Благодарам што ме сослушавте и простете ми што испаднав ваква будала“, се расплака Манев.

    Рече дека Палевски му кажувал, „Јас сум најстар, јас ќе носам одговорност по закон и пред Бога“, пред грабнувањата на Панче и Вања, кои потоа според Манев, Кешишев и обвинителството, свирепо ги егзекутирал со пиштол.

    По Манев, и обвинетиот Влатко Кешишев изрази каење и пак во детали ги раскажа двата настана, посочувајќи го како главен обвинет Љупчо Палевски.

    „Многу се каам, имам грижа на совест бидејќи испланираа, се договараа и извршија сами сè. Мене ми беше кажано да ќутам, да не се мешам и да седам настрана. Тоа утро во Велес јас останав во ‘кангуто’, Палчо тргна накај Панче. По саат и пол се вратија со ‘ситроенот’. Јас возев, до мене седеше Вељо. Ситроенот го возеше Палчо, до него седеше Боре“, рече во завршниот збор Кешишев.

    „Кога стигнавме кај Рудник, јас останав во ‘кангуто’, тие отидоа погоре. По 20 минути седна до мене Вељо. Тргнавме накај Скопје. Се паркиравме таму, го оставивме ‘ситроенот’. За грабнувањето имав слушнато, но немав чуено за никакво убиство. Кај Рудник додека чекав, слушнав истрел. Кога стигнавме во штабот на Десна, Боре и Вељо тргнаа за Велес. Јас сакав за Штип дома да одам, но не ме пуштија исто како и во Хрватска што не ме пуштија“, кажа Кешишев за случувањата по убиството на Жежовски.

    Потоа се префрли на грабнувањето на Вања.

    „За случајот со детето бев со нив и првиот и вториот пат. Првиот пат колата беше паркирана на самиот влез. Ми беше кажано да седам настрана. Кога го грабнаа детето бев во колата, ја помрднав до влез, го отворив гепекот, Боре и Вељо влегоа, јас седнав на совозачкото место. Цело време се прашував што барам јас на местото на убиството“, рече Кешишев.

    Потоа кажа дека во комбето Палевски му дал писмо напишано во притвор и му рече да се обвини место него, за тој да го носи Кешишев на душа, место Кешишев него.

    „Многу се каам што го слушав и му верував. Слушав дека се работи за грабнување и изнуда, а не за убиства. Згрешив“, зборуваше растреперен Кешишев.

    Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, во завршниот збор денеска побара ослободителна пресуда и најави дека ако е осудителна, ќе биде обжалувана и во Врховниот суд ако треба, а потоа ќе биде поднесена тужба и до Судот за човекови права во Стразбур. Кажа дека тој е обвинет само со 17 докази, од кои ниеден не е конкретен и директен. Адвокатот рече дека нема трага, слика, снимка, сведок дека тој ги извршил кривичните дела – организирање на грабнувањата на Панче Жежовски и на малолетната Вања Ѓорчевска, како и нивно убиство потоа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира