ОБВИНЕТИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЗБОРУВААТ НА МОБИЛЕН ПРЕД ДА ГИ ОТВОРАТ СОБРАНИСКИТЕ ВРАТИ, СЕ ГЛЕДА НА СНИМКИТЕ ОД НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ

    ОБВИНЕТИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЗБОРУВААТ НА МОБИЛЕН ПРЕД ДА ГИ ОТВОРАТ СОБРАНИСКИТЕ ВРАТИ, СЕ ГЛЕДА НА СНИМКИТЕ ОД НАПАДОТ НА 27 АПРИЛНа денешното продолжение од судењето за 27 април се пуштаат снимки од собраниските безбедносни камери. - Крсто Мукоски и Сашо Василевски на судењето за 27 април (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Вилма Русковска во продолжение на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани, на видеоснимка од собраниските безбедносни камери ја прикажа целата операција отворање на собраниските врати за да влезат толпата и насилниците.

    На снимката се гледа како во празниот хол, додека однадвор толпата безуспешно се обидува да ги отвори вратите, доаѓа првин пратеникот Крсто Мукоски, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Зборува на мобилен и гледа кон затворените собраниски влезни врати. Се враќа во пленарната сала.

    Потоа се враќа и се упатува кон средната од трите врати, која единствена што се отвора со клуч. Клучот е кај обвинетиот Абдулфета Алими, кој подоцна ќе му го даде на обвинетиот Горан Ѓошевски – Леви, шеф на личното обезбедување на Трајко Вељаноски.

    Обвинетиот пратеник од Социјалистичка партија Љупчо Димовски на Мукоски со рака му покажува да ги дигне гредите.

    Се појавува и обвинетиот Оливер Поповски. Сашо Василевски со трчање се упатува кон вратите и со нога ја бутка едната заштитна греда.

    Сведокот Владимир Стојков од собраниското обезбедување трча кон вратата и ја враќа гредата. Повторно Василевски оди, ја шутира со нога и ја трга гредата.

    Мукоски стои во холот и се упатува кон влезните врати. Љубен Арнаудов зборува на мобилен. Абдулфета му ги дава клучевите на Ѓошевски, тие паѓаат на подот. Ѓошевски ги зема. Средната врата никогаш не се отвора, се отвораат само левата и десната, со заштитните греди. Толпата влегува внатре.

    Пратеникот Арнаудов, кој утринава тврдеше дека и тој на 27 април бил исплашен и не ги познавал напаѓачите и толпата, на снимката, се гледа како ги повикува напаѓачите и им покажува со рака каде да се упатат.

    Влегува обвинетиот Игор Југ и маскираните кои обвинителството денеска по облеката ги идентификуваше сите до еден.

    На следната снимка се гледа како обвинетата Елена Доцевска Божиновска од кабинетот на Вељаноски, се симнува по скалите, ја пресретнува толпата и ја насочува кон кабинетот на нејзиниот шеф Вељаноски, од каде најбрзо се стигнува до прес-салата кај што беа нападнати Заев, пратеници и новинари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира