ОБВИНЕТИТЕ ВО „ТИТАНИК“ БАРААТ СУДЕЊЕТО ДА СЕ ПРЕКИНЕ ПОРАДИ ПРИТВОРАЊЕТО НА КАТИЦА ЈАНЕВА ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“

    ОБВИНЕТИТЕ ВО „ТИТАНИК“ БАРААТ СУДЕЊЕТО ДА СЕ ПРЕКИНЕ ПОРАДИ ПРИТВОРАЊЕТО НА КАТИЦА ЈАНЕВА ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“Обвинетите Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер доаѓаат на рочиштето од судењето за кое нивниот адвокат смета дека треба да биде прекинато (Фото: К. Попов)

    Одбраната на обвинетите во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешното рочиште побара судењето да биде прекинато поради случајот „Рекет“, во кој е притворена шефицата на СЈО Катица Јанева. Адвокатот Димитар Дангов рече дека Јанева според Законот за СЈО е единствена надлежна да ги застапува предметите кои се водат, вклучувајќи го и „Титаник“.

    „Од наведените причини, мора да кажам дека обвинителката Лиле Стефанова нема право да го застапува овој предмет. Конечно, Стефанова не може да има повеќе право на застапување од правото што Јанева го нема во овој момент. Предлагам главната расправа да се прекине“, изјави Дангов.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој е еден од обвинетите во случајот за изборни нерегуларности, исто така побара судењето да биде прекинато додека не заврши постапката на Советот за јавни обвинители и Собранието.

    „Доколку одлуките бидат негативни по Катица Јанева, предлагам судот да ја запре постапката“, рече Димовски.

    Судијата Осман Шабани даде пауза од половина час за да одлучи по барањата на одбраната и обвинетите.

    Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира