Новоизбраниот Обвинител за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска дообјасни дека со Невзат Бејта од ДУИ случајно се сретнал на планински врв што случајно тие одвоено еден од друг го искачиле случајно во ист ден и во исто време, за да направат заедничка фотографија.
По полагањето на заклетвата во Советот на јавни обвинители, Абази продолжи со објаснувањата околу неговите познанства со врвот на владејачката Демократска унија за интеграција и со функционери од партијата.
„Јас во период на викенди и одмори излегувам и планинарам. Хоби ми се ловот и планинарењето. Во тие делови се среќавам со луѓе и се поздравувам. Искачувањето на еден врв е радосен момент, и се практикуваат слики од формално-правен аспект. Со Бејта таму сме се нашле случајно. Мојата мајка потекнува од Гостивар и се знае со господинот Бејта. Тие имаат познанство. Така што, се сретнавме на врвот, и ништо повеќе од тоа“, кажа денеска новиот шеф на ОЈО за организиран криминал за фотографијата со Бејта, на која се речиси исто облечени во зелен комплет, и се гушнати.
Но позагадочна е неговата фотографија со братот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, на која врз Абази седи човек, а во истата линија најгоре, буквално го јава со едната нога братот на Ахмети.
Абази за таа фотографија кажа дека била свадбарска.
„По однос на другите фотографии, јас и моите родители потекнуваме од Зајас. Тоа е село како што знаете и се случува јас и моите родители да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. На таа фотографија со братот на Ахмети, сме повикани на свадба. Сме се сретнале таму, и тоа е. На тие свадби ние никогаш не сме зборувале ни за предмети, ниту пак за политика“, кажа тој.
Абази на примопредавањето на функцијата потоа во просториите на Обвинителството за организиран криминал, на сега веќе поранешната шефица Вилма Русковска ѝ подари букет цвеќе.
С. К. ДЕЛЕВСКА