ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА АТАНАСОВСКИ ЗА ДА НЕ ИЗБЕГА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА АТАНАСОВСКИ ЗА ДА НЕ ИЗБЕГА„За ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски побарав мерка притвор по 3 основи: опасност од бегство; влијание врз сведоци за што е способен со оглед на функцијата што ја извршувал; опасност од повторување на кривичното дело“, изјави ноќва пред Основниот суд Скопје 1 обвинителката шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска (Фото: СДК.МК)

    Заврши распитот пред судија на претходна постапка на ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски кој беше притворен вечерва, откако на 3 декември обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, како и обвинетиот Захарие Симовски го посочија како еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април лани. Сега се очекува дали судијата ќе му одреди притвор како што бара Обвинителството за организиран криминал, кое покрена предистражна постапка за кривично дело Здружување заради непријателска дејност. Се очекува одлуката да биде донесена ноќва.

    „За ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски побарав мерка притвор по 3 основи: опасност од бегство; влијание врз сведоци за што е способен со оглед на функцијата што ја извршувал; опасност од повторување на кривичното дело“, изјави ноќва пред Основниот суд Скопје 1 обвинителката шефица на Обвинителството  за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која за Атанасовски поднела предлог за притвор од 30 дена.

    Таа појаснувајќи го третиот основ по кој бара притвор за Атанасовски, рече дека во моментов се протестира пред Собранието и тие се мирни протести, но и дека протестите на „За заедничка Македонија“ беа мирни, па на крајот резултираа со крвав настан на 27 април 2017.

    На прашање дали го знаела тоа што го кажале обвинетите во судот на 3 декември, дека Атанасовски е еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април, Русковска рече: „Не го знаев, првпат слушнав“.

    На прашање дали ќе биде приведен и советникот за безбедност на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексоски, таа кажа:

    „Алексоски беше споменат дека некој разговарал со него, па тој ја пренел информацијата. Не може да се стави знак на равенство меѓу нив двајца“.

    Обвинителството не располага со други докази, одговори Русковска на прашање дали Обвинителството има сознанија дека Иванов на 27 април подготвувал прогласување воена состојба.

    Обвинителството има рок од 6 месеци да ја заклучи оваа истрага која вечерва ја отворивме, рече Русковска и најави дека ќе се прошири истрагата и на други лица осомничени за организираниот напад на Собранието.

    „Каков закон се спрема во Собранието не знам и не сум го видела за да го коментирам“, одговори таа на прашање околу евентуалната политичка амнестија која се заговара во Собранието за учесници во организираниопот напад на Собранието на 27 април лани.

    Пред Судот вечерва е и адвокатот на Атанасовски, Јордан Апостолски од адвокатската канцеларија Апостолски, кој рече дека барањето за притвор е неосновано.

    „Неосновано е барањето за притвор на Обвинителството бидејќи Атанасовски над  1 година не е на функција и да сакал да преземе било какви дејствија и да се даде во бегство тоа можел да го стори досега. Се повикавме на Европската конвенција за човекови права, мислиме дека нема основ за барање притвор“ рече бранителот Јордан Апостолски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира