ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ПОБАРА ПОДАТОЦИ ОД КОСОВО И АЛБАНИЈА ЗА ПАЦИЕНТИ ОД ТИЕ ЗЕМЈИ КОИ СЕ ЛЕКУВАЛЕ СО ЦИТОСТАТИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ПОБАРА ПОДАТОЦИ ОД КОСОВО И АЛБАНИЈА ЗА ПАЦИЕНТИ ОД ТИЕ ЗЕМЈИ КОИ СЕ ЛЕКУВАЛЕ СО ЦИТОСТАТИЦИ ВО МАКЕДОНИЈАОд обвинителството велат дека се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката за онкологија. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји, соопшти денеска Јавното обвинителство во врска со истрагата за наводи за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

    Од обвинителството велат дека се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Скопското обвинителство формирало тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите.

    Надлежните обвинители веќе извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти, а дополнително, во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавија на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да и помогнат на истрагата со свои сознанија.

    „Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија вчера до Основното јавно обвинителство Скопје достави список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката. Во текот на денешниот ден, јавните обвинители ќе ги контактираат тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите“, велат од обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира