ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА УБИСТВО ВО ОБИД ЗА ДВАЈЦА ОД НАПАЃАЧИТЕ НА СЕЛА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА УБИСТВО ВО ОБИД ЗА ДВАЈЦА ОД НАПАЃАЧИТЕ НА СЕЛАОбвинителството првпат денеска отвора истражни постапки за убиство во обид за насилствата во Собранието. Досега истражуваше учество во толпа - Од нападот во Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка за кривично дело убиство во обид за две лица осомничени дека го нападнале пратеникот Зијадин Села, соопшти Јавното обвинителство попладнево. Од обвинителството на Марко Зврлевски велат и дека надлежниот јавен обвинител побарал од судија на претходна постапка да им одреди мерка притвор на двајцата осомничени.

    „Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл. 22 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик“, соопшти ОЈО.

    Претходно денеска, МВР соопшти дека ги привело лицата К.Ѓ. (39) и Ц.Ѓ. (68), кои се татко и син, за кои полицијата утврдила дека физички го нападнале и го влечеле лидерот на ДР-ДПА Зијадин Села. Исто така, по наредба на судија на претходна постапка, полицијата извршила претрес на домот на К.Ѓ. при што „биле пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони, кои со потврда за привремено одземени предмети му се одземени“.

    Досега, сите осомничени за нападот во Собранието на 27 април беа гонети од ОЈО за полесни кривични дела за учество во толпа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира