ОБВИНИТЕЛСТВОTO ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ЗА ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА ОД ОМРАЗА, ПО ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА СЕКРЕТАРОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД

    ОБВИНИТЕЛСТВОTO ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ЗА ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА ОД ОМРАЗА, ПО ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА СЕКРЕТАРОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИДОхриѓанецот Христијан Пендиков вчера беше примен од бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова, а наскоро ќе биде примен од министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев. (Фото: Фејсбук)

    Обвинителството поднесе обвинение за нанесување тешка телесна повреда од омраза, по три недели од нападот од негови сограѓани врз Христијан Пендиков од Охрид, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ именуван по бугарскиот цар од времето на фашистичката окупација на Македонија.  На обвинетиот му е продолжена мерката притвор на барање на Обвинителството, поради опасност од бегство.

    „Обвинетиот, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно повредиле еден оштетен“, тврди ОЈО Охрид.

    На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин дошол до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди на вилицата.

    „Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот. Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Охрид достави и посебен предлог за продолжување на притворската мерка за обвинетиот, бидејќи сè уште постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Во меѓувреме, по насоки на јавниот обвинител, и натаму се преземаат дејствија за идентификација и лишување од слобода на другото лице вмешано во настанот“, вели Обвинителството.

    Пендиков, ќе добие бугарско државјанство, a бугарското министерство за надворешни работи ќе му обезбеди живеалиште во Софија и парична помош, кажа вчера бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков. Пендиков, против кого во Македонија има кривична пријава откако при претрес му беше најден кокаин, ќе добие и лично обезбедување од бугарската полиција.

    „Претстои и негова средба со министерот за внатрешни работи Демерџиев на која што ќе се утврди во каков степен му е потребно обезбедување на наша територија за да не стане жртва на провокации’, кажа Милков.

    Охриѓанецот неодамна беше пуштен од болницата во Софија, каде што беше однесен на лекување со бугарски владин авион по тепачката во Охрид на 19 јануари.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 27 јануари кажа дека „луѓе од иста групација се и оние кои тепаат и оние кои се тепани“ и дека тепачката во Охрид е дел од хибридна војна против Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА ​

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира