Обвинителството за организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка за градбата на објектите од проектот „Скопје 2014“, потврди за САКАМДАКАЖАМ Државното јавно обвинителство.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали Обвинителството ги испитува криминалите во градбата на Археолошки музеј на Македонија, кој протекува на секој дожд и поради тоа што градбата на шесткатната зграда е неквалитетна и небезбедна, Јавното обвинителство на Македонија вели:
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во насока на расветлување на фактите за проектот „Скопје 2014“, достави барање до Општина Центар за обезбедување на дополнителна документација. По комплетирањето и анализата на документацијата ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“.
Кирил Петров, директор на Државниот архив кој заедно со Уставниот суд е сместен во истата зграда, денеска преку нашиот медиум го повика Обвинителството по допрен глас да ги истражи криминалите во изградбата на зградата на Археолошкиот музеј, за која беа потрошени 42,8 милиони евра. Објектот се води како Државен архив, а во него се сместени Археолошкиот музеј и Уставниот суд.
При секој дожд просториите каде што е сместен Архивот се поплавуваат и се загрозува архивската граѓа стара со векови. Низ ходниците и канцеларии вработените поставуваат кофи, а документите се преместуваат за да не се уништат. Досега никој, ниту од институциите кои се наоѓаат во објектот, ниту Министерството за култура и Службата за општи и заеднички работи на Владата кои беа инвеститори не поднеле тужба до изведувачот и надзорот.
Автор на проектот за објектот Археолошки музеј е „Етапа проект“. Изведувачи на градежните работи беа „Бетон-Штип“, „ГП Гранит-Скопје“ и Градежен институт Македонија. Инвеститори беа Службата за општи и заеднички работи, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство.
Директорот на Архивот Петров вели дека тој сам ништо не може да направи, туку треба Обвинителството да отвори случај како е можно толку скапо платена зграда да биде во ваква состојба нецели четири години по предавањето во употреба.
„Спремен сум да го доставам сите документи и изјави на сведоци. Не знам што се чека до сега. Ова е вистински криминал. За зградата се потрошени 42 милиони евра, а според мене таа не чини повеќе од 6 милиони евра. Ова не е објект, ова е гулабарник. Освен што прокиснува при секој дожд, имам документ од ИЗИИС дека шестиот кат каде што се наоѓаат архивските документи не може да ја издржи тежината. При посилен земјотрес може да се сруши. Од последниот земјотрес има пукнатини низ објектот“, стравува Петров.
С. К. ДЕЛЕВСКА