Обвинителството продолжува со предистражни постапки и собира докази и за други лица за кои смета дека се одговорни за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, а кога ќе има цврсти докази и за организаторите или нарачателите тогаш и тие ќе бидат обвинети, рече обвинителката Вилма Русковска по завршувањето на денешното прво рочиште на судењето каде обвинети се 33 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста.
Обвинителката Русковска рече дека Обвинителството во наредниот период преку докази ќе докаже дека станува збор за организиран напад, за што ќе сведочат 36 лица, а имаат и голем број материјални докази од снимките од видеонадзорот внатре во Собранието, снимки од мобилни телефони, од камерите на телевизиите, како и од сигурносните камери на Стопанска банка, на кои се гледа како групата се собира во ресторанот „Дион“.
„Секоја група има своја централна фигура“, рече Русковска.
На новинарско прашање зошто телохранителот на Никола Грурвски, Благоја Василевски кој во обвинението е посочен дека се јавува на неговиот обвинет брат Александар Василевски-Нинџа не е меѓу обвинетите, Русковска рече дека Обвинителството не работи на претпоставки и озборувања и дека кога ќе имаат докази тогаш ќе има нови обвинети.
Русковска одговори дека досега немала закани и притосоци, не користи лично обезбедување, ниту има намера да побара.
Меѓу 33-та обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски. Покрај пратениците обвинети се и Митко Чавков, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.
Судењето продолжува утре во 10 часот.
А. АНТЕВСКА