ОД 1.600 ТЕСТОВИ ЗА КОВИД ДНЕВНО, 1.100 СЕ НАПРАВЕНИ ВО ПРИВАТНИ ЛАБОРАТОРИИ, МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ПОВЕЌЕ ТЕРМИНИ

    ОД 1.600 ТЕСТОВИ ЗА КОВИД ДНЕВНО, 1.100 СЕ НАПРАВЕНИ ВО ПРИВАТНИ ЛАБОРАТОРИИ, МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ПОВЕЌЕ ТЕРМИНИПриватно најчесто се тестираат граѓани кои стравуваат дека се заразени, а не го поминале алгоритмот кај матичните лекари, но има и такви на кои им е потребен тест за операција или друга лекарска интервенција, како и за патување во странство. - Земање брис пред една приватна лабораторија во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од 1.618 тестови за ковид-19 направени вчера, 1.114 се направени во приватни лаборатории. Само 31 отсто од тестовите направени вчера се во лаборатории на државни институции, што е тренд во последно време, иако на почетокот беше обратно. Од вкупно досега направените 176 илјади ПЦР тестови, според последните бројки на Институтот за јавно здравје, повеќе од половината (55%) се направени на државно.

    Матичните лекари, кои закажуваат тестирања на државно, бараат да се отворат повеќе термини и алармираат на повеќе нелогичности со алгоритмот, кој одлучува кој, кога и дали воопшто ќе се тестира. Матичен лекар од Центар вчера (22.9) внел во системот пациент со висок ризик за тестирање и прв слободен термин е 25.9 во пунктот во Ченто. Од друга страна, од вчера за денеска можел да закаже термин за тестирање за пациент со низок ризик, ако има болнички упат.  Исто така, матичните лекари велат дека е нелогично сè уште да стои прашање дали сте патувале во последните 14 дена во земји со висок ризик, кога веќе речиси сите земји се со висок ризик, а и мнозинството за заразени преку локална трансмисија.

    За да се добие термин за тестирање на државно, велат матичните, пациентите треба да имаат висока температура, но и респираторен наод. Ако пациентот има само еден симптом, на пример изгубен осет за мирис и вкус, тоа не е доволно за алгоритмот. Тие што имале контакт со регистриран заболен, а немаат симптоми, исто така не го поминуваат епидемиолошкиот прашалник за тестирања, па затоа многумина од страв се тестираат приватно.

    Вчера пријавените 504 тестови на државно се пациентите кои поминале на епидемиолошките анкети, како и суспектните кои веќе се примени во болница. Некои од епидемиолошките анкети се и кај приватните, а станува збор за граѓани на кои не им се чека на термин да се тестираат на државно. Приватно се тестираат граѓани кои стравуваат дека се заразени, а не го поминале алгоритмот кај матичните лекари, но има и такви на кои им е потребен тест за операција или друга лекарска интервенција, како и за патување во странство. Тестирањето во приватна лабораторија чини околу 4.000 денари.

    Од почетокот на епидемијата во земјава се регистрирани вкупно 16.867 случаи на ковид-19, од кои оздравени се 14.084, починати се 705, а активни се 2.078.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира