ОД 1 ЈАНУАРИ ДА СЕ ПЛАЌААТ ПРИДОНЕСИ НА ДОГОВОРИТЕ НА ДЕЛО И ДАНОК НА КАМАТА ОД ШТЕДЕН ВЛОГ, БЕСИМИ НАЈАВУВА ДАНОЧНИ РЕФОРМИ

    ОД 1 ЈАНУАРИ ДА СЕ ПЛАЌААТ ПРИДОНЕСИ НА ДОГОВОРИТЕ НА ДЕЛО И ДАНОК НА КАМАТА ОД ШТЕДЕН ВЛОГ, БЕСИМИ НАЈАВУВА ДАНОЧНИ РЕФОРМИДали ќе се воведува прогресивно оданочување или не ќе биде дел од јавната дебата, вели Бесими. (Фото: К. Попов)

    Според даночните реформи, кои ги најави министерот за финансии Фатмир Бесими, ќе се плаќаат придонеси за договорите на дело, а ќе се воведе и данок на каматите на штедните влогови. Како што кажа Бесими, ако некој има заштеда од 100.000 денари со камата од 2 процента, приходот од камата ќе му биде 2.000 денари, а 10 проценти данок е 200 денари. Со реформите што треба да стартуваат од 1 јануари вгодина, се очекува да се слеат над 54 милиони евра годишно во државната каса од новите даноци.

    Бесими вели дека дали ќе се воведува прогресивно оданочување или не ќе биде дел од јавната дебата. Според прогресивното оданочување, личниот доход над 90.000 денари треба да се оданочува со стапка од 18 проценти, но како што сега изгледа, оваа одредба може да се ревидира, одложи или пак прогресивен данок воопшто да не се воведе.

    Министерот кажа дека основата на Концептот за даночната реформа е проширување на даночната основа преку повеќе измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност, како и зелено оданочување, а тоа претходно ќе биде дискутирани и дебатирани со сите општествени чинители. Исто така, ќе се работи интензивно и на намалување на сивата економија и на подобрување на услугите во јавниот сектор.

    „Концептот за даночна реформа се заснова на Стратегијата за даночна реформа, кој е долгорочен, планиран и добро анализиран процес, односно дел од големата фискална реформа за СМАРТ или паметни јавни финансии. Со подобрувањето на наплатата на приходите ќе се обезбедат повеќе средства за развојни проекти на среден рок, додека на кус рок ќе има повеќе средства за антикризни мерки и заздравување на економијата“, вели Бесими.

    Како што напиша министерот во последната колумна, концептот на СМАРТ финансиите е сите да го плаќаме својот праведен дел.

    „Зборувам и за оние што се дел од формалната економија, но пред сè за формализација на неформалниот сектор, преку вклучување во системот на даночни обврзници. Ова е реално најисправниот начин за да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример за антикризни пакети, без притоа да го зголемуваме јавниот долг“, вели Бесими.

    Суштина на предложената даночна реформа е праведно оданочување, проширување на даночната база и „зелено“ оданочување. Зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат загадувањето на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и со климатските промени и и заштита на природните ресурси.

    Како што вели Бесими, кај данокот на додадена вредност, потребно е натамошно зајакнување на основните принципи на неутралност и конкурентност, преку стеснување на листата на добра и услуги за кои се применува повластена стапка, како и оданочување на определен промет. Исто така, потребно е допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници за правото на одбивка на претходен данок, што ќе овозможи поголема правна сигурност за даночните обврзници, поголема ефикасност во спроведување на контролата и во прибирањето на даночните приходи од страна на даночната администрција.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира