ОД 1 ЈАНУАРИ НЕДЕЛА Е НЕРАБОТЕН ДЕН, ВРАБОТЕНИТЕ ВО МОЛОВИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ДВОЈНА ДНЕВНИЦА, ЗАКОНОТ ПОМИНА ВО СОБРАНИЕ

    ОД 1 ЈАНУАРИ НЕДЕЛА Е НЕРАБОТЕН ДЕН, ВРАБОТЕНИТЕ ВО МОЛОВИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ДВОЈНА ДНЕВНИЦА, ЗАКОНОТ ПОМИНА ВО СОБРАНИЕВработените во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница и слободен ден.(Фото:СДК.МК)

    Со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието денеска го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за  работните односи со што недела станува неработен ден. Со новото законско решение недела е неработен ден од 1 јануари за 92 отсто од работниците.

    За законските измени не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

    Оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Со новото законско решение ќе биде дозволено да работат моловите, но вработените ќе добиваат двојна дневница. Дополнително, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

    „Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Со  ова законско решение се овозможува  воспоставување на рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место“, рече министерската за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

    Непочитувањето на ова законско решение го утврдува Државниот инспекторат за труд и на работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од  15 дена, а доколку го повтори прекршокот во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата.

    Недела да биде неработен ден беше едно од барањата и на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на протестот кој се одржа на 12 декември во Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира