ОД 1 ЈУЛИ ПОВРАТ НА ДДВ ЗА СМЕТКИ ДО 30.000 ДЕНАРИ

    ОД 1 ЈУЛИ ПОВРАТ НА ДДВ ЗА СМЕТКИ ДО 30.000 ДЕНАРИСпоред премиерот Зоран Заев, ако профункционира оваа мерка во најдобар случај очекуваат во буџетот прилив од 15 милијарди денари. (Фото: Влада на РСМ)

    Поврат на Данок на додадена вредност (ДДВ) од следниот месец граѓаните ќе може да побараат за сметки до 30.000 денари, најавија денеска премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

    „На вчерашната седница владата го усвои предлог-законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на граѓаните и донесе одлука да се достави на усвојување во Собранието. Владата го изгласа законот за поврат на 15 отсто од платениот ДДВ за граѓаните, со што почнува реализација на еден од најважните проекти од изборната програма за работа на владата“, рече Заев.

    Тој кажа дека оваа мерка треба да стартува од први следниот месец, а граѓаните преку мобилни апликации ќе може да ги регистрираат платените сметки. Според него, со оваа мерка се очекува 50 милиони денари да се вратат кај граѓаните и на тој начин да им помогнат во борбата со сивата економија.

    „Сметаме дека ова е силна мотивација граѓаните да си ги бараат фискалните сметки и да ни помогнат во борбата со сивата економија. Тие ќе можат преку апликација на мобилниот телефон да ја скенираат фискалната сметка и да очекуваат поврат на ДДВ, а ќе има помош и за оние граѓани што немаат или не можат да ги користат мобилните апарати, за да имаат сите еднакви шанси за да добијат поврат на ДДВ“, рече Заев.

    Тој кажа дека се очекува на граѓаните за три месци да им бидат вратени 1.800 денари или околу 30 евра преку мерката за поврат на ДДВ, а дека од неа се исклучени оние два проценти кои се најбогати.

    „На пример, на потрошени 1.000 денари ДДВ е 180 денари, а повратот е 27 денари. За четиричлено семејство лимитот ќе биде на потрошени 100.000 денари. Проценките се дека едно четиричлено семејство ќе има поврат на ДДВ од 28.800 денари на годишно ниво“, рече Заев.

    Одговарајќи на новинарско прашање колкав прилив на средства очекуваат во буџетот ако профункционира оваа мерка, Заев рече дека очекуваат да се слеат 15 милијарди денари, или околу 250.000 евра.

    „При најлошо сценарио може да немаме воопшто прилив на средства во буџетот од оваа мерка и да ги почастиме граѓаните со поврат на ДДВ, а во најдобар да се соберат оние средствата кои според проценките, или триесет отсто, се сива економија“, рече Заев.

    Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за финансии Драган Тевдовски кажа дека нема да се наплаќа персонален данок на овие средства.

    „Персонален данок на овие средства нема да се наплаќа. Се очекува за три месеци да има поврат на ДДВ за едно физичко лице од околу 1.800 денари, при што месечната потрошувачка треба да биде 25.000 денари“, рече Тевдовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира