ОД 3,3 МИЛИОНИ ЕВРА ОД УЕФА ЗА ТРИБИНА НА СТАДИОНОТ „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“, СЕЈДИНИ ОД ФФМ НЕЗАКОНСКИ ПРЕФРЛИЛ 660.000 ЕВРА АВАНС НА ФИРМАТА БЕЗ ТАА ДА ГО БАРА ТОА

    ОД 3,3 МИЛИОНИ ЕВРА ОД УЕФА ЗА ТРИБИНА НА СТАДИОНОТ „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“, СЕЈДИНИ ОД ФФМ НЕЗАКОНСКИ ПРЕФРЛИЛ 660.000 ЕВРА АВАНС НА ФИРМАТА БЕЗ ТАА ДА ГО БАРА ТОАСудот му одреди притвор на осомничениот ексдиректор на ФФМ Сејдини. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Мухамед Мети Сејдини, поради основано сомнение дека сторил кривично дело Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    Според Обвинителството, без да го побара тоа од него фирмата која требало со пари на УЕФА да го гради стадионот „Билјанини Извори“, без одобрување од Управниот одбор на ФФМ, без таква можност воопшто и и без да обезбеди правно обезбедување на средствата, Сејдини ѝ уплатил на фирмата аванс од над 660.000 евра од наменските пари од УЕФА.

    Обвинителството вели дека осомничениот, во периодот од ноември-декември 2024, како службено лице претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист. ФФМ како членка на УЕФА, во текот на 2024 година добила строго наменски парични средства за ревитализација на спортски терени и инфраструктура.

    Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата „ХетТрик (HatTrick) VI”, осомничениот започнал постапка за спроведување на проектот изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид и дал предлог за отпочнување постапка за избор на компанија за реализација на проектот. По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.

    „Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел  авансна уплата во износ од 20% од вкупната вредност на договорот пред започнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс. Го потпишал таквиот договор и на 17.12.2024 година, паричните средства во износ од околу 660 илјади евра кои му биле доверени во службата, со негов налог до службите за исплата авансно ги префрлил на правното лице“, вели Обвинителството.

    Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постои оправдан страв дека осомничениот ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, а судија на претходна постапка од Кривичниот суд Скопје му одреди ефективен притвор од 30 дена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира