ОД 416.614 ВАКЦИНИРАНИ СО ДВЕ ДОЗИ, 167 СЕ ЗАРАЗИЛЕ ОД КОВИД-19 ДВЕ НЕДЕЛИ ПО ВАКЦИНИРАЊЕТО

    ОД 416.614 ВАКЦИНИРАНИ СО ДВЕ ДОЗИ, 167 СЕ ЗАРАЗИЛЕ ОД КОВИД-19 ДВЕ НЕДЕЛИ ПО ВАКЦИНИРАЊЕТОВакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена. (Фото: СДК.МК)

    Од 416.614 луѓе вакцинирани со две дози вакцина против ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза, а 11 од нив биле хоспитализирани, соопшти Министерството за здравство. Податоците се заклучно со вчера.

    „Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата. Според последната анализа, во период од 1 до 31 јули регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за ковид-19, од нив 82 се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза. Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена“, вели Министерството.

    Само 10% од сите активни случаи во јули се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со вакцините на „Синофарм“, „АстраЗенека“, „Фајзер“ и со „спутник“, а има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на „Модерна“.

    Министерството за здравство апелира дека во овој период важно е да има што поголем интерес за вакцинација и сите да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на коронавирусот и неговото рапидно ширење. Во земја уште е доминантен британскиот сој, но со оглед на брзото ширење на делта сојот, како во светот така и во регионот, тој многу брзо може да се прошири и кај нас. Досега, во земјава се детектирани 30-на случаи на делта сојот.

    Во земјава има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација, велат од Министерството. Во моментов за прва доза има 80.000 од „Синовак“, 50.000 од „AстраЗенека“ и 70.000 од „Фајзер“. За вакцинација не треба да се закаже термин, туку се прима директоно на пунктовите во здравствените домови. Термин преку сајтот вакцинација.мк се закажува само за децата над 12 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира