ОД 6 МЕСЕЦИ ДО 10 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КРШЕЊЕ НА ГЛАСАЧКИТЕ ПРАВА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

    ОД 6 МЕСЕЦИ ДО 10 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КРШЕЊЕ НА ГЛАСАЧКИТЕ ПРАВА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТПод засилено полициско обезбедување денес беше дистрибуиран гласачкиот материјал до општинските изборни комисии за утрешниот референдум за името. Се дистрибураат 1.806.336 гласачки ливчиња за околу 3.480 избирачки места во земјава, како и паравани, записници и избирачки списоци (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кршењето на гласачките права на граѓаните за референдумот се казнува со истите казни како и за парламентарните, локалните и претседателските избори. Казните се затворски, од 6 месеци до 10 години, и се содржани во Кривичниот законик, во глава 16 под назив „Кривични дела против изборите и гласањето“.

    Во оваа глава се опфатени санкции за изборни нерегуларности од сите евентуални сторители. Се однесуваат на оние што го организираат референдумот или изборите, оние кои го спроведуваат (изборните комисии), членовите на Државната изборна комисија (ДИК), судиите, партиите, активистите на терен и граѓаните (гласачите). За сите учесници во референдумскиот или во изборниот процес се предвидени затворски казни за евентуални изборни, односно референдумски нерегуларности.

    Под обвиненија за изборен криминал, во моментов се водат три големи судски случаи: „Титаник “ (за поранешното раководство за тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ и членови на таа партија), „Титаник 2“ (за поранешни членови на ДИК, поранешен директор на УБК и еден лидер на партија и „Титаник 3“ (за член на изборна комисија и сегашен пратеник на ДУИ).

    КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ИЗБОРИТЕ И ГЛАСАЊЕТО:

    • Спречување на избори и гласање

    Член 158:

    (1) Тој што со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин оневозможува или спречува одржување избори или гласање или го оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

    (2) Тој што ќе го стори делото од став 1 со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од една до десет години.

    • Повреда на избирачкото право

    Член 159:

    (1) Член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

    (2) Со казната од став 1 ќе се казни и член на избирачки одбор, изборна комисија или одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, на противзаконит начин ќе му овозможи на друг да користи избирачко право, иако знае дека тоа лице нема такво право.

    (3) Обидот е казнив.

    • Повреда на слободата на определување на избирачите

    Член 160:

    (1) Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе присили или ќе спречи друг да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

    (2) Ако делото од став 1 го стори член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување на референдуми или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор од три месеци до три години

    (3) Обидот е казнив.

    • Злоупотреба на избирачкото право

    Член 161:

    (1) Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

    (2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе земе учество на изборите или гласањето, иако знае дека нема избирачко право.

    (3) Обидот е казнив.

    • Поткуп при избори и гласање

    Член 162:

    (1) Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга лична корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

    (2) Со казната од став 1 ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист или ќе прими подарок или друга корист, за да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла.

    (3) Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

    • Повреда на тајноста на гласањето

    Член 163:

    (1) Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.

    (2) Ако делото од став 1 го стори член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување референдум или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

    (3) Со казната од став 2 ќе се казни и тој што со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службена, работна или економска зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали гласал или како гласал.

    Покрај овие казни, кои може да бидат и до 10 години затвор, до 3 години затвор е предвидено во Кривичниот законик и за случи на уништување на изборни исправи, т.е. уништување на гласачки ливчиља, списоци на гласање и други документи кои би станале неупотребливи.

    Висока е казната и за Изборна измама (член 165 од КЗ), а кој се однесува на тие што ќе ги фалсификуваат или погрешно избројат гласовите од изборите или од референдумот:

    „Член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор на спроведување референдум или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повеќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години“.

    На 27 август во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК академик Владо Камбовски предупреди и на казните кои се предвидени во Кривичниот законик, во членот 387, а се однесуваа на притисоците врз граѓаните да не излезат и да не се изјаснат на референдумот.  „Организирање на отпор“ е посебен член, тој не е во главата за кривични дела против изборите и гласањето, но и во него е предвидена затворска казна.

    (1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
    (2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

    Според Кривичниот законик, за организирање отпор кон законита одлука може да се добие затворска казна и до три години, но членот е уште поригиден ако дошло до проблеми или тешкотии за спроведувањето на таа одлука, па пропишува казна и до 5 години затвор за евентуална таква последица.

    Обвинителството повика на е-поштата [email protected] граѓаните, партиите, набљудувачите, па и странските претставници во деновиве пред и за време на утрешниот референдум, да се пријават сите кривични дела што ги објасни САКАМДАКАЖАМ.МК подетално.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика граѓаните да пријават на бројот 192 ако гласаат на референдумот и забележат дека се неовластено снимани, а ако забележат дека фотографија од нив се појави на социјалните мрежи да го пријават тоа на е-адресата [email protected] .

    Граѓаните од земјава и дијаспората утре на референдумот ќе треба да одговорат на референдумското прашање „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира