Од денеска, трговците на големо и на мало треба да ја намалат до 10 отсто маржата на основните прехранбени производи. Станува збор за 73 производи, со што цените треба да бидат пониски за десет отсто.
„Оваа мерка ќе трае некаде таму до крајот на октомври месец. Седумдесетина производи се практично производи коишто како резултат на овој закон се со намалени цени. Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа, во зависност на потребите на граѓаните. Ќе потсетам, производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на една анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи се најкористени во овој период од годината. Така ќе биде можеби и пред новогодишните празници, така ќе биде на пролет и цело време така ќе функционираме. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите“, рече денеска одговарајќи на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски, на поставување камен темелник на спортска сала во училиштето „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Општина Ѓорче Петров.
Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд.
Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70% од прибавените количини во месец август 2024 од овие производи на листата.
А. АНТЕВСКА