Владата воведе целосна забрана за движење во шумските подрачја низ државата, која стапи на сила денеска. Како што соопшти Владата, ова е во интерес на личната безбедност на граѓаните, но и за да се спречат нови пожари.
Од денеска исто така има целосна забрана за движење и на Водно во Скопје и на Скопска Црна Гора. Властите апелираат дека ако се забележи пожар треба веднаш да се пријави во Противпожарната бригада на телефонот 193 или во Центарот за управување со кризи на 195.
Забраната беше воведена откако во изминатите денови беа регистрирани пожари во повеќе општини, од кои оној во Кочани беше директна закана за градот.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа соопшти дека активни пожари на повеќе локации имало во Струмичкиот, Кумановскиот, Охридскиот, Битолскиот и во Штипскиот Регион, признавајќи дека некои од нив се надвор од контрола. Во гаснењето на некои пожари се вклучи и војската.
Пожарот кај Кочани е локализиран во текот на ноќта, објави агенцијата МИА, откако синоќа огнот почна да навлегува во градот и беа зафатени неколку куќи. Пожарот избувнал вчера околу 13 часот и топлото време и силниот ветер придонесоа за неговото неконтролирано ширење, при што и самите граѓани се вклучија во гаснењето.
Под контрола се ставени и пожарите кај Кокино и Ранковце.