ОД ЈУЛИ ЗА 27 ОТСТО ПОЕВТИН РОАМИНГ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, ОД 2021 ЦЕЛОСНО СЕ УКИНУВА

    ОД ЈУЛИ ЗА 27 ОТСТО ПОЕВТИН РОАМИНГ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, ОД 2021 ЦЕЛОСНО СЕ УКИНУВАОд недела посебно регулаторно тело треба да одржи состанок за да ги утврди намалените цени кои ќе важат од јули годинава, прво на интернетот, а потоа на разговорите и постепено да ги намалува цените се до потполното укинување во 2021 година (Фото: СДК.МК)

    Од први јули годинава цените на роаминг услугите помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина ќе се намалат за 27 отсто, а од јули 2021 година целосно ќе се укинат. Ова беше договорено на Вториот дигитален самит за Западен Балкан во Белград, каде ресорните министерства потпишаа договор за почнување на постапката за укинување на роамингот.

    Од недела посебно регулаторно тело треба да одржи состанок за да ги утврди намалените цени кои ќе важат од јули годинава, прво на интернетот, а потоа на разговорите и постепено да ги намалува цените се до потполното укинување во 2021 година. Регулаторите и  телекомуникациските оператори до 1 јули треба да подготват акциски план и мапа за претстојните активности со прецизирање кој ден што ќе стартува.

    „Откако целосно ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, тоа ќе се случи и со земјите од ЕУ, што значи дека регионот дигитално ќе се интегрира во Европа многу побргу отколку политички“, изјави по потпишувањето на договорот министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

    Еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, рече дека цените на роамингот постепено ќе се намалуваат и од 2021 година ќе станат како домашните. Потпишувањето на Договорот, кажа Габриел ја покажува силната политичка волја во насока на  регионалната дигитализација.

    Од 1 јули 2017 година Македонците зборуваат поевтино кога патуваат во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, откако  стапи во сила третато намалување на цените на роаминг услугите согласно со Договорот меѓу четирите држави од 2014 година. Минута разговор дојдовен повик сега чини 11,6 денари, а пред три години изнесуваше 67,9 денари, за СМС порака сега се плаќа 3,7 денари.

    Пониски цени  во роаминг летотво ќе се воведат и со Грција, како што беше најавено по потпишувањето на Меморандумот за соработка на министерот Дамјан Манчевски со неговиот грчки колега Никос Папас.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари