На денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата, пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска ја праша министерката за образование и наука Весна Јаневска зошто стотини ученици од скопското основно училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар не се на настава во школото и зошто сè уште тоа личи на градилиште отворено баш пред први септември?
Децата од четврто до деветто одделение во ова школо од 1 септември привремено следат онлајн настава, а родителите за тоа дознаа на 31 август. Во училиштето, кое е најново во земјава и беше пуштено во употреба во 2019, сè уште се изведуваат градежни работи за изведба на уште 6 училници на постоечкиот простор,а градежните работи во школото се инвестиција на Министерството за образование и наука (МОН).
„Договорот бил потпишан во февруари, а вие се будите во август? Кој ќе понесе одговорност што е прекршен Законот за основно образование? После препораката за да учат децата англиски јазик од серии, изјавивте првачињата да бараат братче и сестриче, па рековте околу 100-тина училишта се затворени, за на 20 јули да препорачате да се пренаменат во старечки домови. Сите ви се чудат министерке. Носите решенија за затворање на училишта, не можете да предвидите навремена градба во ОУ ‘Киро Глогоров’ ?. Дали сè уште стоите на вашата изјава училиштата да станат старски домови?“, праша Лукаревска.
За тоа дека навреме не ги предвидела градежните активности, Јаневска ја обвини архивата на Општина Центар. Барањето седело во општинската архива, а одобрението Општина Центар го донела на 28 јули. За наставата едни деца во училиште, а други од дома, Јаневска рече:„Вие комуницирате со директорката, прашајте ја како ги организира смените и наставата. Јас не организирам настава“.
„Откај знаете дали комуницирам со директорката? Од каде знаете вие?”, се изнервира Лукаревска, викаше од место.
Јаневска рече дека со ОУ „Киро Глигоров“ немало проблем, сè било популизам. Рече дека за една недела одделенијата кои следеле настава од дома, ќе се вратат на физичка настава.
„Општината си ги завршила своите обврски навреме. Што сте правеле вие, што сте чекале”, праша Лукаревска.
Потоа прочита изјава од Јаневска која во ковид кризата жестоко се противеше на онлајн наставата, нарекувајќи ја „дебакл во образованието“.
„Дали е ова истата Весна Јаневска, министерке, која сега промовира онлајн настава?”, праша Лукаревска.
Таа не беше задоволна од одговорот на Јаневска, рече дека нема ни за една недела да почнат дел од учениците со физичка настава, зашто тоа „таму е полно со прашина и градежен шут, што е опасно по здравјето на учениците и наставниците“.
Лукаревска уште еднаш во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше:
„Законот за основно образование е повреден! Треба одговорност за ова”.
С. К. ДЕЛЕВСКА



