Обвинителството на денешното рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска презентираше видео снимки од камерите на Безбеден град во Скопје, за движење на возилото „цитроен“ со кое била грабната и возилото „рено кангу“ кои било на местото на убиството.
Обвинителството најпрво предентираше снимки како обвинетиот Влатко Кешишев на 27 ноември 2023 во 5.30 часот, на бензинската пумпа на „Макпетрол“ кај Железничка станица точи гориво во пластично шише. Потоа се презентираа снимки како возилото од пред седиштето на партија Десна во Аеродром се движи кон Автокоманда. На претходните рочишта, вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР) во Одделението за следење на камерите на „Безбеден град“ сведочеше дека Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, е забележан на камерите утрото на 27 ноември 2023 како управува со возило „рено канго”.
Снимки за возилото „цитроен“ беа презентирани најпрво за 24 ноември 2023, кога возилото од Маџари се движи до зградата на Вања, а во него има три лица. Како што кажаа на претходните рочишта од Обвинителството, Вања тој ден не отишла на прв час. Потоа беа пуштени снимки од 25 ноември, кога цитроенот од Маџари е префрлен во Бутел. Од таму на 27 ноември, денот на убиството, тргнал кон зградата на Вања. Во 6.36 часот, возилото преку паркингот кај хотел „Сити парк“ во Дебар Маало доаѓа до зградата на убиената Вања на улица на Наум Наумовски-Борче.
А. АНТЕВСКА