ОД МАКЕДОНИЈА САМО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА ПОГРЕБОТ НА ПАПАТА ФРАЊО

    ОД МАКЕДОНИЈА САМО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА ПОГРЕБОТ НА ПАПАТА ФРАЊОПретседателката Сиљановска-Давкова лани на 23 мај имаше аудиенција кај папата Фрањо, при посетата во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“. (Фото: Кабинет на Претседателка)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е единствена функционерка од Македонија која ќе присуствува на погребот на поглаварот на Римокатоличката црква папата Фрањо, кој ќе се одржи утре во Ватикан. Од Кабинетот на Сиљановска-Давкова ни изјавија дека претседателката ќе присуствува на погребната миса посветена на папапата Фрањо, којашто на 26 април ќе се одржи пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан.

    Премиерот Христијан Мицкоски нема да оди на погребот на папата, ниту ќе биде пратена владина делегација. Од Владата ни одговорија дека на погребот ќе присуствува претседателката заедно со делегација од нејзиниот кабинет.

    Според неговата желба, папата Фрањо ќе биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.

    Претседателката Сиљановска-Давкова лани на 23 мај имаше аудиенција кај папата Фрањо, при посетата во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ што се одржува во Рим по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.

    На 7 мај 2019, папата Фрањо беше првиот римокатолички поглавар кој ја посетил Македонија. Во текот на 10-часовниот престој во Скопје, што се совпадна со 25-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Македонија и Ватикан, папата имаше средби со државнот врв, ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза каде се сретна со највисоките претставници на Македонската православна црква, на Исламската верска заедница и останатите верски заедници и религиозните лидери, роднини на Мајка Тереза и граѓани од ранливи категории. Возејќи се во папамобилот низ улица Македонија и поздравувајќи се со верниците, тој стигна на Плоштадот Македонија каде одржа литургија пред неколку илјади верници од земјава и странство и упати пораки за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето.

    Повеќе од 100 делегации од целиот свет пристигнуваат во Рим за да му оддадат почит на папата Фрањо, кој почина на 21 април на 88 години. Погребот ќе се одржи утре претпладне.

    Меѓу оние кои го потврдија присуството се претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, но најголемото внимание го предизвикува доаѓањето на претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.

    Досега се потврдени 130 странски делегации, што вклучува 50 шефови на држави, претставници на десет кралски семејства и бројни премиери, министри и амбасадори.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира