ОД МПЦ И ИВЗ ПОБАРАВ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ, ИНАКУ ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ НА ПОЧЕТОК НА КРИЗАТА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ОД МПЦ И ИВЗ ПОБАРАВ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ, ИНАКУ ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ НА ПОЧЕТОК НА КРИЗАТА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Секое непочитување на мерките ќе нѐ врати на почеток на кризата“, рече министерот Филипче. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче побарал од поглаварите на Исламската верска заедница (ИВЗ) и на Македонската православна црква (МПЦ) да се придружуваат до мерките за заштита од коронавирусот, во интерес на граѓаните и да не се организираат верски собири. На вчерашната верска литија во Струга граѓани масовно се собраа, не држеа дистанца и не носеа маски. ИВЗ на вонреден состанок вчера одлучи џамиите да се отворат за молитви за верниците на 12 мај.

    „Сакам да повторам дека сѐ уште се на сила мерките за забрана на групирање на повеќе од две лица. Вчерашното собирање на луѓето во Струга е најгрубо кршење на мерката. Разговарав и со реисот за неговата најава за отворање на џамиите на 12 мај. Секое непочитување на мерките ќе нѐ врати на почеток на кризата. Во однос на нивниот одговор, оставивме простор да разговараме повторно во текот на денот“, кажа Филипче.

    На новинарско прашање дали ќе ја санкционира ИВЗ за најавата, тој рече дека апсолутно ги повикува сите институции да утврдат дали се почитуваат правилата, без разлика кој го организира собирот.

    Во однос на Струга, министерот кажа дека ќе се следи будно ситуацијата, но вчерашното групирање на верниците не може да влијае на плановите за олеснување на рестриктивните мерки, затоа што, како што рече, не може да се носат мерки кои ќе зависат од еден настан или случка.

    На новинарско прашање колкав е ризикот од зараза по собирањето во Струга, Филипче рече дека какво било собирање е ризик да се зголеми транмисијата, без разлика дали е на отворен или затворен простор.

    Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за масовното присуство на граѓани на Литијата која се одржа вчера по повод верскиот празник Свети Ѓорѓија. Предметот е отворен по допрен глас, по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи.

    „Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на Литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, стои во соопштението од Основното јавно обвинителство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира