ОД ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ ПРАВИ СКРИНИНГ НА УЧЕНИЦИТЕ ОТИ ИМА МАЛА ТРАНСМИСИЈА НА КОВИД-19 ВО ШКОЛИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ОД ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ ПРАВИ СКРИНИНГ НА УЧЕНИЦИТЕ ОТИ ИМА МАЛА ТРАНСМИСИЈА НА КОВИД-19 ВО ШКОЛИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕФилипче вели дека факт е дека во школите има една одредена трансмисија, многу мала, но сакаат да направат скрининг оти често децата се асимптоматски преносители. (Фото: К. Попов)

    Ќе се прават брзи антигенски тестови за ковид-19 кај учениците од основното и средното образование, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    „Факт е дека тука има една одредена трансмисија, многу мала, но сакаме да направиме скрининг на состојбата оти многу често децата се асимптоматски преносители“, рече Филипче.

    Според последните податоци на Министерството за образование и наука (МОН) добиени од училиштата, на дневно основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 % од вкупно 240 илјади ученици, што, велат тие, е исклучително низок процент. Исто така, вакциниран е над 72% од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.

    „Следните денови детално ќе ја презентираме методологијата за скринингот на тестирање на учениците во основните и средните училишта. Овој пристап бара одредена припрема во однос на согласност на родителите. Разговараме со центрите за јавно здравје низ земјава, со епидемиолозите и со здравствените домови“, додаде министерот. Скринингот би почнал од 1 октомври или првата недела на октомври.

    Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 години каде што има зголемување за 50,5% и кај возрасната група од 10-19 години каде што има зголемување за 8,2%.

    Државната агенција МИА вчера објави дека на вакциналниот пункт на скопскиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, за две недели се вакцинирале 70 лица.

    Пунктот е сместен до влезот на Економскиот факултет. Во секој работен ден од 8 до 14 часот, покрај за студенти, отворен е и за сите со намера да се вакцинираат. Може да избираат меѓу „Фајзер“ и „Синовак“.

    Филипче кажа дека ќе разговараат со ректорот и деканите на факултетите со цел да го промовираат процесот на повисоко ниво и да ја подигнат свеста кај студентите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира