ОД ПОЧЕТОКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА НЕМАМЕ СЛОБОДЕН КРЕВЕТ, ПОЛЕКА ЌЕ ПОЧНЕМЕ СО ОПЕРАЦИИ И НА РЕДОВНИТЕ ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БОЛНИЦАТА „НАУМ ОХРИДСКИ“ АРСЕНКОВ

    ОД ПОЧЕТОКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА НЕМАМЕ СЛОБОДЕН КРЕВЕТ, ПОЛЕКА ЌЕ ПОЧНЕМЕ СО ОПЕРАЦИИ И НА РЕДОВНИТЕ ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БОЛНИЦАТА „НАУМ ОХРИДСКИ“ АРСЕНКОВОткако Градската општа болница „8 Септември“ стана ковид центар, пациентите од Скопје на кои им е потреба итна операција се примаат во болницата што скопјани си ја викаат „стара градска“ во центарот на градот;- Вообичаено утро со гужва пред болницата. (Фото: К. Попов)

    Од почетокот на пандемијата на КОВИД-19 во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ изведени се над 32.000 прегледи и операции. Откако Градската општа болница „8 Септември“ стана ковид-центар, пациентите од Скопје на кои им е потребна итна операција се примаат во болницата во центарот на главниот град што скопјани си ја викаат „стара градска“.

    Директорот д-р Љубен Арсенков во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека слободен кревет во болницата нема, ниту еден итен пациент изминативе 4 месеци не е вратен и најавува дека постепено ќе почнат да се оперираат и редовните пациенти кои закажале интервенција пред почетокот на епидемијата.

    „Пред да почнам да ја фалам болницата со која раководам, морам да се заблагодарам на колегите од ‘8 Септември‘ и Инфективна клиника кои го земаа товарот да лекуваат пациенти со коронавирус. Но, од друга страна морам да кажам дека оваа болница беше единствената која од почетокот на епидемијата до сега работи со полн капацитет. Празни кревети немаме, сите се зафатени со хируршки пациенти. Откако бевме одредени како болница која ќе третира пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција, а не се сомнителни или позитивни на КОВИД-19, направивме тријажа и на сите пациенти пред прием им се мери температура и им се прави епидемиолошка анкета. Доколку имаме сомнителни случаи ги носиме во соба за изолација, им земаме брис кој го праќавме во Центарот за јавно здравје бидејќи немаме лабораторија. Ако се покаже дека станува збор за позитивен пациент правиме проценка дали може да го издржи транспортот до ‘8 Септември‘ врз основа на состојбата во која се наоѓа. Ако не може, го оперираме кај нас според сите протоколи за постапување со позитивен пациент. На почетокот дневно имавме по 150 пациенти, па потоа 250 и да дојдеме до бројка од 350 пациенти“, вели доктор Арсенков.

    „Оваа болница беше единствената која од почетокот на епидемијата до сега работи со полн капацитет. Изминативе 4 месеци направени се над 32.000 прегледи и операции. Празни кревети немаме. (Фото: СДК.МК)

    Болницата во моментов има капацитет на болничко лекување да прими 85 пациенти. При крај е реновирањето на две крила во болницата со што од наредниот месец ќе се добијат уште 35 кревети за болничко лекување. Од изведените операции доминираат абдоминални и трауматолошки интервенции, како и неврохируршки, а се третираат и малигни заболувања.

    Арсенков вели дека досега 12 медицински и немедицински работници од болницата биле заразени со КОВИД-19, но ниту еден оддел не бил затворен, туку соодветно била распределена работата.

    „Можеби сме имале среќа или пак соодветно сме ги применувале мерките за лична заштита, но кај нас многу здравствени работници не отсуствуваа од работа, ниту прекинавме со работа. Сите 12 беа асимптоматски и на домашно лекување. Во моментов само 2 медицински сестри се во изолација“, вели Арсенков.

    Веќе четврти месец во болниците и клиниките не се примаат редовните пациенти кои имале закажано операција пред почетокот на пандемијата. Арсенков вели дека досега наидуваат на разбирање од пациентите и смета дека строгото придржување до листи во овој период ќе создаде само поголем неред.

    Арсенков вели дека во болницата полека ќе се примаат и редовните пациенти. Коронавирусот ќе донесе нова реалност не само во секојдневниот живот, туку и во работата на докторите. (Фото: К.Попов)

    „Во медицината има пациенти што без разлика што после вас закажале, нивната состојба е поризична ако се одложи операција. Можеби во овој момент не се итни, но поитни ќе станат ако се одложи операцијата. Строго придржување кон некои листи ќе создаде само поголем неред. Досега да ви кажам искрено не се случило да дојде некој од тие закажаните и да ми рече докторе што не ме викате на операција. Мислам дека и граѓаните сфатија и не вршат притисок. Во оваа болница нема пациент кој што влегол, а да не му е пружена адекватна хируршка услуга. Полека ќе се вратиме и на редовните пациенти, ќе почнеме 10 до 20 отсто да ги внесуваме во системот“, вели Арсенков кој е абдоминален хирург.

    Коронавирусот смета Арсенков ќе донесе нова реалност не само во секојдневниот живот, туку и во работата на докторите.

    „Оваа нова нормалност ќе промени многу работи и во нашата работа, во начинот на изведување на оперативните процедури, да се води сметка во интензивна нега да не бидат секогаш сите кревети зафатени за да има резерва во случај на појава нови случаи. Кај нас веќе нема посета и тоа ќе го задржиме во иднина без разлика дали има вирус или нема“, вели Арсенков.

    Во болницата изминатиот период зголемени се донациите од фирми и физички лица. Покрај тоа што е при крај опремувањето на двете крила на болницата, се врши и санирање на внатрешната фасада која е скапана и паѓа, а добиена е и нова опрeма. Вкупната вредност на донациите е околу 330.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира