Со големо присуство на јавноста и бројни обвинети и сведоци, во Основниот суд Скопје 1 почна судењето за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април лани.
Села, кој беше претепан и тешко повреден при нападот на Собранието, денеска не се појави во судницата, неофицијално, од безбедносни причини. Тука беше неговиот адвокат.
Од истражниот затвор во Шутка, беа спроведени деветтемина од 10 обвинети: Оливер Ошавковски, Александар Јаневски – Тошта, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра и Кире Ѓоргиевски. Неговиот татко Цејо Ѓоргиевски беше донесен од куќен притвор.
Меѓу сведоците се неколку новинари, лица кои влегоа со толпата внатре во прес салата на Собранието, потоа пратениците Александар Кирацовски и Мухамед Зеќири од СДСМ, министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски и други. Сведок е и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој поради службени обврски, како што рече судијата, на денешното рочиште беше отсутен.
С. К. ДЕЛЕВСКА