ОД СЕПТЕМВРИ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И НА УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ПРОФЕСОРИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ

    ОД СЕПТЕМВРИ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И НА УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ПРОФЕСОРИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИКовачевски денеска најави дека Владата почнува со проект ревитализацијата на големите хидроелектрани во сопственост на АД ЕСМ.(Фото: ЕСМ)

    Од септември ќе има покачување на платите и на универзитетските професори, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски. За покачување на платите има пари односно испланирани се во буџетот.

    „Го видов писмото од универзитетските професори и контактирав со нив и ги информирав дека покачувањето на платите е предвидено во буџетот од септември. Точно е дека во целиот образовен сектор треба да се покачат платите и доколку го погледнете буџетот во тој дел ќе видите дека од година во година се зголемува износот во однос на платите во високото образование“, кажа Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при денешното одбележување на 65 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната Вруток.

    Ковачевски најави дека Владата почнува со проект ревитализацијата на големите хидроелектрани во сопственост на АД ЕСМ. Со овој голем проект ќе бидат опфатени хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и хидроелектраната Света Петка.

    Инсталираната моќност на овие хидро изнесува околу 85% од вкупната инсталирана моќност во хидроелектраните во Република Северна Македонија. Тие учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават часови, односно обезбедуваат 20% од вкупното производство на електрична енергија во Република Северна Македонија.

    „Освен во делот на производство на електрична енергија, овие хидроелектрани имаат значајно место во управувањето и стабилноста на целокупниот електроенергетски систем. Освен обновата на машинскиот дел на овие капацитети, дополнителна придобивката од проектот е предвиденото зголемувањето на капацитетот на акумулацијата на Маврово што ќе обезбеди пораст на годишното производство на електрична енергија од околу 40 гигават часови“, рече Ковачевски.

    Вкупното време за имплементација на проектот се очекува да е од 2022 до 2026 година. Средствата за реализација на овој капитален проект во висина околу 29 милиони евра ќе бидат обезбедени од грантови и поволни кредити, како и од сопствените средства на ЕСМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира