ОВИЕ ДВЕ НЕДЕЛИ БИДЕТЕ ДОМА, РЕЧЕ ЗАЕВ И СООПШТИ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 20 ЧАСОТ И ЦЕЛОСНО ЗАТВОРАЊЕ НА КАФЕАНИТЕ И ФИТНЕС САЛИТЕ

    ОВИЕ ДВЕ НЕДЕЛИ БИДЕТЕ ДОМА, РЕЧЕ ЗАЕВ И СООПШТИ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 20 ЧАСОТ И ЦЕЛОСНО ЗАТВОРАЊЕ НА КАФЕАНИТЕ И ФИТНЕС САЛИТЕДенеска во „А1 арената Борис Трајковски“ почна масовната вакцинација против ковид-19. (Фото: К. Попов)

    Од утре стапува на сила полициски час од 20 часот до 5 часот, кој ќе трае до 20 април, во пресрет на затоплувањето, празниците, а со цел да ги одмориме здравствените работници, кои деноноќно се во битката за спасување на животите на пациентите, кажа денеска премиерот Зоран Заев.

    Забрана се воведува за посетители и гости во сите угостителски објекти, како и во угостителски објекти во хотели, мотели и на бензински станици. Оние кои вршат подготовка на храна, може да ја доставуваат преку онлајн или телефонски нарачки. Оваа забрана важи од 7 до 21 април.

    На граѓаните, кои извршиле вакцинација во центрите за вакцини за временскиот период непосредно пред започнувањето на забраната и посебниот режим на движење, им се дозволува враќање до своите живеалишта, престојувалишта, врз основа на потврда за извршена вакцинација.

    Од утре се затвораат сите фитнес сали и сали за вежбање и се забрануваат семинари, конференции, а во кладилници ќе смее само уплата на шалтер, не смее да се седи внатре.

    На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично.

    За време на забраната на движење, сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат куче да може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.

    „Најновите тенденции кои ни се презентираа од епидемиолозите се дека британскиот сој на ковид-19 го зема својот замав“, рече Заев.

    Вчера беа регистрирани уште 35 починати, како и нови 734 случаи на ковид-19 од направени 3.246 тестирања. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.

    Во Ковид-центрите низ државата се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира